Анализата е стратегија на умот. Но, аспектите на реалноста што претставуваат предмет на обработка се толку комплексни и дивергентни, што ниеден интелигибилен систем нема капацитет да ги систематизира и да ги вгради во некаква структуролошка конструкција, што би изнедрила (како консеквенца) една универзална методологија на „процесирање“ на феномените и нивната интерактивност. Затоа нашиот увид е апроксимативен, лимитиран од виртуелниот волумен на меморијата, насочен кон едно компромисно прифаќање на наративите, кои веќе претрпеле извесен дизајнерски третман од страна на идеолошки конструираните институции и нивните таинствени адепти. Но, суптилноста на поврзаностите во каузална и теолошка смисла се толку несогледливи и многубројни (практично бесконечни), што надвор од прагматичните сфери тие дејствуваат како Хаос. А, хаосот е најстрашниот кошмар за умот, посебно за оној систематичен ум, кој колку и да се гордее со својата иновативност и револуционерност, во основа останува конзервативен и параноичен рецептор на хтонските аспекти на стварноста. Денешните мејнстрим концепти на когнитивноста се безнадежно позитивистички, алиенирани со фах-идиотизмот на науките, кои немаат решение за непрегледната просторност на специфичната егзистенција на соодветните димензии на свеста, за зачудната парадоксалност на одредени појави во физичкиот и апстрактниот „свет“, кои инаугурираат своевидни кризи (немоќ, но и свртување, обрти), кои стануваат состојба на колективниот ум (саинтифичкиот), но и болест на човештвото во една, по сè, духовна смисла.
Аугуралните пораки се укинати. Пророците и мудреците, екскомуницирани и изопштени од стерилизираните аналитичарски темплуми. Гледаме како адептите на знаењата, собрани по елитните институции на политичкото, рециклираат едни те исти баналности, што секој средношколец или домаќинка што гледа ТВ, чита весници или слуша радио, одамна ги има елаборирано, без остаток. Оние, пак, аривистички настроените (од вториот мудријашки ешалон), позиционирани во некакви алтернативни клубови (финансирани од претенциозните самопромовирани вообличувачи на историјата), р’гнале во цитатолошка себепромоција, во еден енциклопедистички квиз, што исгледа како глувчешка трка на овие колекционери на знаењата со фарисејски менталитет, на овие претставници и дистрибутери на аналната фаза и аналитичари на фекалните дистопии.
Опсесијата околу профитот на реставрираниот капитализам (во Источна Европа) и неоколонијализмот по целата планета нè воведува во еден непредвидлив, по траење и несогледлив, по манифестациите, неоварваризам. Триумф на англосаксонската традиционална филозовска школа (рационализам, еволуционизам, сурвајвилизам, прагматизам…). Всушност, една длабоко осмислена стратегија на дволичност, при која протагонистите и дистрибутерите на дадените принципи функционираат како нивна негација, тотално интактни по прашањето на дисконтинуитетот и критиката на оној мал број слободни мислители и мистички созерцатели, кои сè уште стојат зад достоинството на човечката духовност.
А просторно-временските структури течат по својот непоимлив космички тек. И, еве го август, наречен уште и житар (поради плодноста) или коловоз (кај жителите на република „Данке Дојчланд”)… време на жнеењето на житото и време кога ожнеаното се транспортира во складиштата и амбарите.
Аналогно на ова собирање на хранливиот материјал, Аугурите – староримските свештеници, го собираа знаењето, опсервирајќи ги птиците, насоките и брзината на нивниот лет, видот на птиците, бројноста на јатото, интензитетот на нивното „гласање“ (звуците што ги емитираат низ просторот) и, секако, нивната агресивност, популација и полезност или штетност во дадените периоди на опсервацијата. Така овие (Аугури или Ави-Гури; авис значи птица), зачувувајќи ги прастарите шаманистички традиции, успеваа да исконструираат еден систем на анализа, кој во голема мера интерферира со сферите на хаотичното, обидувајќи се со својата когнитивна смелост, но и со моралната доблест и опитност во традиционалните знаења и преданија, да го еманципираат својот ум во однос на несогледливоста и бесконечноста на варијантите… како во кинескиот Ји-Џинг или во ритуалите на консумирање на пејотл кај Хопи Индијанците, кои под дејство на мексалинот (психоделична супстанца, што се наоѓа во хемискиот состав на малите ендемски кактуси кои растат по течението на Рио Гранде) добиваат визии (еден вид трансцендентално знаење), кои со својата сугестивност воспоставуваат увид во најскриените и најсуптилните аспекти на реалноста… (продолжува)
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.