
Будимка Поповска
Една руска народна изрека вели вака: Оној што се плаши од несреќа, нема да ја сретне среќата!
Тоа што го знаеме е капка, а тоа што не го знаеме – море. Така вели Њутн.
Она што го знаеме најчесто се темели на нашата убеденост во тоа дека го знаеме тоа што го знаеме. Начинот на кој го гледаме морето не мора да е ист со самото море. Така почнува бесконечната прикаска за нашата перцепција.
Тоа е бунар во кој дното никогаш не ја допира водата.
Перцепција е кога седиш на едно место, а со умот си на друго (место).
Перцепција е подземен лавиринт од тунели што на површината водат кон различни врати. Уво, нос, (грло – не), око, јазик, кожа. Ако се залеташ да излезеш на чист воздух и излезеш преку некоја од овие врати, тоа се вика „се извадив од памет“.
Шестото сетило е интуицијата. Тоа е вонсетилна перцепција. Да интуираш нешто обично значи да го видиш невидливото.
Човечкото тело е машина со пет сензори. На секој сензор му одговара посебна дразба.
Зошто е добро човек да е свесен за начинот на кој се одвива процесот на перцепција?
Затоа што многу лесно може да му се подметне слика или звук што има моќ да покренува соодветни емоции.
Емоциите се енергетско полнење. Тоа може да биде високо, коешто прави да се чувствувате добро и да сакате да ја задржите таа состојба. На пример, љубовта или радоста.
Може да биде ниско, што обично се препознава како синдром на „тесна кожа“. Сакате да излезете од сопствената кожа или барем некако да ја замените со друга. Но, сè додека се возите на бранот на соодветната емоција, тоа е неможно.
Да речеме, СТРШЕН.
Голем, убав, вонсериски. Азиски.
Или: листерија.
Откако вашите сетила ќе бидат бомбардирани со овие енциклопедиски податоци за интересната сорта на стршен што е нетипичен за нашиве краишта, најпрво го губите мирот. Вие можете и да се преправате дека сте ладнокрвни, но пораката работи на потсвесно ниво. Таа има СУБЛИМИНАЛНА мисија. Вашата потсвест сега наголемо пребарува.
Сомнежот и стравот со кои после тоа ќе биде пополнето вашето емотивно тело, слично на препарирано животно, ќе ја изменат вашата перцепција до степен да нема да се препознаете себеси. Ќе престанете да купувате парче лубеница. И кога во вашиот омилен маркет ќе ви објаснат дека „им забраниле да ја сечат лубеницата“, мирно ќе си купите лубеница од 20 кила бидејќи колку е помала лубеницата, толку е поголем ризикот да не биде „погодена“. На вкус. А тоа, што има внатре, е ваш личен проблем од моментот кога ќе ја прифатите одговорноста. Да бидете излажани.
Како да се одбраниме?
Со помош на парадокси и трикови. Старите луѓе велат вака: што е твое ќе си дојде.
Значи, ако треба да ми се случи биска средба со вонземна програма „нано-стршлен-листерија“, таа ќе се случи (what you resist will persist), без оглед на отпорот и напорот да се избегне. А, ако не треба, нема да се случи, повторно без оглед на отпорот или желбата. Навидум тоа се две спротивставени варијанти, но не се. За потсвеста нема детерминизам, туку таа цело време одбира. Што одбира? Тоа што ѝ се нуди.
Грип? Одмор од соништата? Ниска каматна стапка? Авионска несреќа? Доволно е од ноќеска да поевтини цената на нафтата.
Скриениот принцип на кој работи потсвеста е програмирањето.
Еден од наједноставните начини за нејзино програмирање е емоцијата.
Човекот врхуни во својата еволуција тогаш кога успева интелигентно да навигира со својот емотивен живот. Емотивна зрелост значи моќ да им се одолее на негативните емоции по пат на свесен избор и слободна волја.
Азиски стршлен?
Не, благодарам. Доволен ми е нилскиот комарец…
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


