За само неколку недели Македонија доживеа неколку силни удари од своите соседи. Од различни внатрешнополитички и историски побуди за речиси еден месец до Македонија стигнаа неколку важни пораки кои не се нови, но зачудуваат со својата временска концентрација и јасна содржина. Љубителите на конспиративни теории веднаш би заклучиле дека се работи за меѓународен заговор координиран од еден центар којшто има цел да ја ослаби преговарачката позиција на Македонија со Грција за името, со Бугарија за идентитетот, црковниот проблем со Србија, правата на Албанците во Македонија пред долгоочекуваниот влез во НАТО и во ЕУ.
(Не)координираниот напад врз Македонија го почна грчкиот премиер Андонис Самарас, кој пред европски претставници порача дека македонскиот јазик не постои, односно дека тој е измислица на комунистите. Потоа на земјата ѝ се случија насилни протести, по што косовските власти, чии претставници на меѓународни форуми инсистираат на ФИРОМ наместо на Македонија, индиректно се заканија дека Македонија не смее да ги гони учесниците во протестите за „Монструм“ притоа сѐ уште одбивајќи да ги испорача двајцата осудени. Речиси два месеца откако македонската јавност ја покажа сета своја солидарност и за жртвите на поплавите во оваа земја собра повеќе од 600 илјади евра помош, српски навивачи истакнаа грчко знаме и транспарент „Македонија е грчка“, а Српската национална телевизија сѐ уште на директните преноси од средби со Македонија ја користи референцата од ООН. Следуваше одлуката на Комисијата за територијална реформа на албанскиот парламент за практично укинување на можноста Македонците да имаат своја општина. И на крајот, официјална Софија порача дека ако не се однесуваме пријателски, што во превод значи да признаеме дека сите сме македонски Бугари, тогаш Бугарија и во иднина ќе нѐ блокира при членството во НАТО и во ЕУ.
Аналитичарите на најголемите земји, кои номинално се наши сојузници и стратешки партнери, многу лесно можат да заклучат дека Македонија има проблем со сите свои соседи, и тоа да го искористат за спроведување на други регионални, континентални или глобални политики и проекти кои за нив се поважни.
Во реалната политика, се разбира, никој не анализира кој е во право, туку на чија страна е моќта и, пред сѐ, како големите сили најлесно можат да ги остварат своите интереси. Ако работите не се променат во овој круг, Македонија, се чини, е најслабата алка која во исто време е во конфликт со сите соседи и нема да биде изненадување доколку глобалните геостратегиски планери побараат од Македонија да направи компромис со нив иако на сите им е јасно дека тоа не е ниту фер ниту правилно, уште помалку се базира на меѓународното право.
Сите се плашат од Самарас
Во првиот случај, на пораките на грчкиот премиер Андонис Самарас дека не постои македонски јазик и дека комунистите се тие што го измислиле јазикот, а со тоа и македонската нација, искажани во Брисел на завршната прес-конференција на грчкото претседателство со ЕУ, не реагираше никој. Ниту соговорникот на Самарас, претседателот на Европскиот парламент, Мартин Шулц, кој доаѓа од групата на европските социјалисти. Човекот што во 2012 година, заедно со претседателот на Европската комисија, Жозе Мануел Баросо, ја прими Нобеловата награда за мир за придонесот на ЕУ кон мирот и помирувањето, демократијата и човековите права замолчи пред очигледното негирање на Самарас на цела една европска нација. Германскиот европарламентарец, човек што ќе го води Европскиот парламент до 2019 година и кој во минатото имаше храброст поради принципиелни причини да се спротивстави на низа провокации и на моќни луѓе, како италијанскиот премиер Силвио Берлускони и британскиот пратеник Годфри Блум, сега остана нем на негирањето на македонскиот јазик и на македонската нација затоа што повеќе од очигледно е дека Самарас во својот одговор на новинарот Тони Гламчевски сакаше да му каже дека Македонците се производ на комунистичката интернационала. Ниту еден друг европски или американски претставник досега не го коментираше „мисловниот излет“ на Самарас. Како и во многу други случаи, никој не смее да го вознемирува грчкото галениче на Вашингтон и на Брисел, кое слободно може да каже дека најдобра тактика за Атина е да чека распад на соседот за да се реши спорот и никој да не реагира на таквите фашистички изјави. Очигледно е дека политичкото преживување на безусловниот спроведувач на планот за спас на грчката економија, и со тоа спас на еврото, е многу поважно од неговата националистичка политика чијашто деструктивна природа беше санкционирана од светскиот суд, Меѓународниот суд на правдата во Хаг. Се разбира, кога е во прашање сила, и правдата е немоќна.
Косово и Албанија
За разлика од отворениот повик на американскиот амбасадор во Тирана, Алесандар Арвизу, кој пред две години во име на Соединетите Американски Држави ја осуди „националистичката реторика“ на албанските политички лидери што навестуваа „Голема Албанија“, сега ниту еден американски или европски политичар не ги критикуваше острите напади што дојдоа од Тирана и од Приштина во врска со протестите за случајот „Монструм“. Никој не ја осуди националистичката реторика на албанските политичари кои со поддршката на протестите во Скопје, иако тоа не е директно кажано, даваат попрактичен пример дека унификацијата на албанските земји е крајната цел за сите Албанци. Нема реакција ниту за планот поддржан и од новата влада на Еди Рама да се оневозможи Македонците во Албанија да добијат своја општина. Иако македонското и грчкото малцинство во Албанија со месеци најавуваат дека со припојувањето на општините со доминантно македонско и грчко население со поголеми општини, во кои најголем број од жителите се Албанци, се кршат основните човекови права на двете малцинства, нема реакција ниту од Брисел ниту од Стразбур, а молчи и ОБСЕ, која е во постојан контакт со малцинствата и ветуваше дека нема да дозволи елиминирање на македонските општини во Албанија.
Софија дава поддршка, но само под бугарски услови
Бугарија, која се соочува со сериозни поделби во внатрешнополитичко милје меѓу проруски и прозападно ориентирани политичари, останува доследна на својата политика да направи сѐ за да „ја врати“ Македонија под свое. Иако навидум пријателска и срдечна, последната посета на македонскиот министер за одбрана, Зоран Јолевски, покажа дека официјална Софија не може да се откаже од националистичката реторика, но и од национално романтичарските планови за еден народ со две држави, по примерот на Германија и Австрија. Ќе ве поддржиме, порачаа повторно бугарските официјални претставници, но само ако се однесувате како што очекуваме ние. Пораката е јасна и недвосмислена. Заедничкото прославување на Илинден, како што се бара од Софија, само по себе не е страшно, смета авторот на овие редови, тоа се виде и од заедничката прослава на Св. Кирил и Методиј во Рим. Но, останува прашањето што е тоа што се крие зад инсистирањето на Бугарија да се слават исти историски датуми и, особено, да се потпише договор за пријателство за блискоста и коректните односи меѓу двата народа да може да се верифицираат преку потпишан и подоцна ратификуван меѓудржавен документ. За жал, многу нејаснотии остануваат како ехо од големиот број пораки од Софија, голем дел од нив се пријателски, но уште поголем дел имаат и скриени мрачни сценарија, што на македонската страна ѝ дава право да биде недоверлива за секоја заедничка конкретна акција.
Србија сѐ уште не може да расчисти со својот хегемонизам
И покрај тоа што Македонија без никаков проблем ѝ овозможи на наша територија да прославува своја историска победа, којашто за Македонците значела ново ропство, официјален Белград сѐ уште не може да се ослободи од духовите на минатото. Принципите за третман на Македонците како одродени Бугари запишани уште од Стојан Новаковиќ се главни политички стојалишта кога се дефинираат односите со Македонија. Иако актуелната политичка гарнитура сѐ помалку ја гледа Македонија како конкретна цел во територијална или во национална смисла, наследството од минатото сѐ уште не дозволува чесен и целосно пријателски однос кон Македонците. Истакнувањето грчки знамиња на спортски натпревари меѓу македонски и српски екипи и користењето на кратенката ФИРОМ на телевизиски преноси не треба да бидат доказ дека Србите не можат да биде одлични соседи и пријатели, па дури и партнери, но, секако, покажуваат дека таму сѐ уште има политички сили што ја занемаруваат реалноста и се однесуваат како во времето пред формирањето на македонската црква и држава.
Приказната за четири волци во 21 век бара и овчар
Фактот што сега, стотина години откако се појавила сликата за четири волци што ја опкружуваат Македонија, ситуацијата не се сменила многу, освен што нема отворени судири меѓу комитските чети, покажува дека историските собитија во овој дел од Европа не можат да се сменат без прецизни принципи и договори кои ќе ги почитуваат сите. Се разбира, во отсуство на „висока порта“ и во време кога не се почитува ниту судот на ОН, чии одлуки би требало да ги прифатат сите земји што се споменуваат овде, единствена сила, покрај САД за кои во 2008 се виде дека немаат неограничена моќ, која може да пресече врз основа на фер правила е ЕУ, односно нејзините економски механизми. Токму поради тоа, всушност, е огромната одбивност на Грција и на Бугарија да бидеме примени во Европската унија. И Атина и Софија знаат дека во ситуација кога ќе бидат спротивставени аргументите, а не силата, тие ќе ја загубат својата историска предност. Ете затоа ЕУ е толку важна за Македонците.
(објавено во 99. број на неделникот „Република“, 25.07.2014)
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.