Зошто се водат војни?
Верувале или не, но, можеби, една од главните причини е Сонцето.
„Релативно скорашните откритија на јаглен, петролеум и природен гас претставуваат употреба на сончевата светлина заробена во Земјата милиони години.
Фосилно-нуклеарната ера е само една кратка епизода во историјата на човештвото. Таа се протега во епохата од почетокот на индустријализацијата до исцрпувањето на фосилните ресурси. Пред тоа човештвото живеело само од енергијата на Сонцето, но благодарение на новите технологии, можно е да се користи енергијата од Сонцето многу подобро и пофлексибилно.
…Сонцето порано било побледо и тоа е причината поради која животот на Земјата постои околу 1 билион години на копно. Зголемувањето на сончевите температури е такво што за околу 1 билион години површината на Земјата ќе биде толку жешка што течна вода нема да постои што ќе доведе до крај на Земјата.
…Кога ќе почне да го снемува водородното гориво на Сонцето , тоа ќе прерасне во многу поголема и посјајна ѕвезда наречена црвен џин. Тоа на крај ќе ги отфрли своите надворешни слоеви во вселенскиот простор. Од сонцето тогаш ќе остане само мошне густа ѕвезда наречена бело џуџе. Пред конечно да се излади и да изгасне и да стане црно џуџе“. *
Каква врска има ова со тепачките што се водат на Земјата?
Постојат мал милион можности за поврзување.
Ако не ја видиме причината за болеста, не можеме да ја излечиме. Ќе ги третираме симптомите. Последиците. Ќе бидеме принудени да „избереме страна“. А брзо потоа ќе се најдеме во кошмарна улога на инстинктивно правење избор – убиј или биди убиен. Или бегај.
Ако знаеме, поголеми се шансите да …. Преживееме? Победиме? Киднеме навреме?
Информатичка војна. И верските војни се еден вид војни за знаење. И војната за вода (чиста вода за пиење) се заснова на информација. За тоа дали и во кои скришни катчиња на земјава сè уште постојат незагадени извори. Како што е Македонија.
Војна за вратите на перцепцијата.
Виртуелна војна во предворјето на мирот.
Тоа е времето кога се пишуваат двете верзии на историјата. Една за победените и една за победниците.
Да се вратиме на причинско-последичниот синџир.
Во далекоисточните езотерични традиции постои верување во можноста за ослободување од дотичниот синџир. Можноста се состои во свесното правење избор во моментот кога станувате свесни дека ја имате можноста. И нормално, изборот би бил многу едноставен – ЕГЗИТ. Исход. Прекинување на циклусот на раѓање на ова место, на оваа планета, на овој начин, под овие услови (ако на планетава постои широко распространет и премолчен договор да се молчи за другите опции, за животот на другите планети).
На Запад, спротивно. Сте се добрале до ова парче земја, и ја ставате сета расположива машинерија во погон за да го зачувате, развиете, да уживате во него што е можно подолго. Учењата за привидот и илузорноста ги тргате на страна и својски се борите за унапредување на вашиот цивилизациски холограм. Демократијата, законите и грижата на совест се главните одредници на овој „опсесивен“ модел на битисување.
Егзитот не е во некаков слободен и празен простор на космосот, туку во богатството што сте го натрупале во вашите е-банки и сте направиле идни поколенија што ќе бидат достојни да го наследат. Вие сте веќе инкарнирани во вашите потомци и преку соодветен воспитно-образовен модел сте ги издресирале на основните рефлекси со кои треба вешто да баратаат за да продолжат со одржување на видот…
Европската унија е виртуелно парче наѕидување стандарди до небесата. Во бедемите на Вавилонската кула овојпат се ставени толку многу формулари, што тоа го нема ни во една сиромашна и на бесконечен каталог закони заснована … Кина. Тоа само покажува колкав е стравот во заднината. Од што? Страв дека ќе бидат урнати уште пред да бидат завршени? Законот ништо не гарантира. Тоа е само буква на хартија.
Или пренаселената Индија… токму таму каде што би требало да има високо развиена свест за „кармичкото ослободување“ од принудниот циклус на раѓање и враќање во условниот пекол на рефлексите за опстанок, има највисока стапка на наталитет. Човечката раса во овој дел од планетата се размножува со брзина на светлината. И со истата брзина тоне во сиромаштија и пренаселеност.
Затоа рамнотежата ја одржува Европа со најниска стапка на новородени по глава на жител. Најмалку работна рака. И најголем прилив на емигранти. Сите сиромашни, угнетени и на каков и да е начин онеправдани спасот го гледаат на Запад. Во царството на една фригидна, културна и високо развиена цивилизација заснована на колонијални војни. Сонот на илјадниците превртени шверцерски бротчиња кои не стигнале до целта бидејќи пловеле без потребните патни документи.
Како и да го свртиш, некаде чади. Ретки се местата каде што не стапнала војничка чизма. Речиси секогаш, за енергетски ресурси. За енергија.
Јаглен или хелиум, сеедно.
Недостасува само малку едукација за тоа дека основните сировини не се на планетава. Основниот вид енергија без кој не би имало ниту еден миг живот е светлината. Изворот на светлината е оддалечен од планетата Земја 149.600.000 години. За да стаса до нас, еден зрак патува околу осум минути.
Среќа што е доволно далеку инаку ќе го околчевме, ќе му ставевме знаме и ќе го брендиравме. Потоа ќе продававме сончеви зраци во шишиња.
(* википедија)
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.