| четврток, 6 декември 2018 |

Изложба на македонски артефакти во Германија

izlozba-2013-16

Меѓународната изложба која е потврда за моќта на македонската аристократија од градот Лихнид на Охридското Езеро, вечер ќе биде отворена во Келтско-римскиот музеј во Манхинг, Германија, јави МИА.

Поставката „Златните лица на македонските кралеви-Македонците и Келтите од Охридскиот регион“, дел од проектот на Европската унија „Судир на културите“, е координиранa од универзитетот од Приморска, Словенија. Во изложбата, која ќе биде отворена до 16 ноември, партиципираат Археолошкиот музеј на Македонија, Заводот за заштита на спомениците на  културата и музеј Охрид, Музејот на град Неготино и „Келтен ромер музејот“ од Германија во координација со нашата Управа за заштита на културното наследство.

Ќе бидат изложени 62 вредни артефакти кои потекнуваат од 5 до 3 век п.н.е. и кои се  пронајдени на територијата на нашата држава за време на археолошките истражувања. Германските посетители ќе имаат можност да ги погледнат златната маска и ракавица, златен накит, монетите, медалјоните стари 25 века, познатата фигурина на Изида од алабастер, садови од керамика, белегзии, оружје, келтски шлемови…

Македонија во Манхинг се претставува со три блока предмети, кои потекнуваат главно од градот Лихнид на Охридското Езеро. Тука е златниот трезор од Тревник, во близина на Неготино и предметите на Келтите кои своите животи ги положиле за одбрана на граѓаните на Лихнид.

За осигурувањето на археолошките предмети се платени 5 милиони и 378 илјади евра, средства обезбедени од проектот. Направени се сите анализи и мерки за утврдување на автентичноста на предметите, при нивно излегување и враќање.

На изложбата Македонија се претставува под уставното име, а големи македонски знамиња ќе бидат поставени на музејската зграда.

Наскоро,  највредните примероци  на нашето културно наследство, примероци и од оваа изложба ќе бидат изложени во новиот Археолошки музеј.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top