
Ацо Станковски
Исклучивоста е општата стратегија во овие дни, пред сè тука мислам на политиката во нашата татковина, а кога веќе доаѓаме до попрецизно лоцирање на овој, во голема мера безумен феномен, сакал – нејќел морам да прецизирам дека еден огромен квантум од овој тип на однесување, етикетирање и стратегии во битката за душите и умовите на потенцијалните гласачи е токму привилегија на опозиционерските водачи и нивните сервилни, и во голема мера безумни следбеници. Зошто, разбирливи се нивниот чемер, фрустрации, изгубеност, завидливост и злоба, но она што навистина останува неразбирливо е тој неверојатен аутизам со кој настапуваат на сцената, тотално отцепени и дистанцирани од било каков тип на интроспекција и автоанализа, а целата Вселена, со сите свои механизми на предупредување што доаѓаат од непоколебливите космички закони и сета логика на Универзумот, им соопштува – „Наместо да плукате и дефецирате по другите, погледнете се себе сѝ, колку сте само слепи и игнорантски расположени кон сопствената немоќ, кон деструктивноста што ја еманирате без причина, кон својот неморал, кон своите недолични афери, собрани во вашите биографии до неподносливост и гротеска, погледнете во вашата ужасна одбивност, во таа грдотија на вашите карактери, која саката да ја претставите како заводливост и харизматичност, во вашиот кловновски табиет и претставување, за кое мислите дека блика со неспоредлив шарм, а, всушност, се работи за дегутантна пенетрантност во сферите на јавната сцена, што константно ја проституирате со својата стрвност и профитерство, со вашето гнасно клеветништво, со злорадоста што ја пласирате во етерот со комична суетност и нарцизам, со своите тотално некомпетентни капацитети за било каква дејност, освен по некоја анимална манифестација, која само го потврдува тоталното отсуство на вистинољубивост, објективност и конструктивност во вашите расштимани редови и во вашите грабежливи души.“
Зар и по толку порази што ги добивте од македонското гласачко тело, не сфативте, дека вашата плитка експертиза на илузии и лаги е веќе непожелна. Колку пати треба да бидете поразени на пазарот на политичките визии и вредности, за конечно да сфатите дека сте непожелни, дека македонскиот граѓанин повеќе не може да ја поднесува вашата ирелевантност, во секој поглед. Пристоен и достоинствен човек ќе го сфати моментумот и амбиентот на тенденциите, кога еднаш ќе му кажете – Не; помалку пристојниот и не толку достоинствениот ќе се повлече веднаш, кога ќе го чуе по втор пат негативниот став на гласачите; непристојниот и недостоинствениот конечно ќе ја сфати пораката за непожелност, кога таа ќе му биде соопштена по трет пат; но вие, во која категорија на луѓе спаѓате, кога и по десетти пат ви е искажана непожелноста од граѓаните, а вие и понатаму одбивате да се сообразите со овој легитимен став на македонските граѓани, па и покрај сето ова, продолжувате и понатаму безумно да јуришате кон целите, кои во никој случај не се предодредени за вашата плиткоумна самохипнотизираност и халуцинантност, во која единствени квалитети, или подобро – феномени, се вашиот провинциски снобизам и колективната психопатологија, чија манијакалност ја супституирате со концептот на исклучивоста.
Колку долго ќе се лепите за негативната волја на македонскиот електорат како лепило? Зар не ја гледате целата илузорност на вашата заматена свест, заведувана од вашата ѕверска волја и стрв да се биде нешто, што не сте, и нема да бидете никогаш. Сега, како глутница бесни пци напаѓате наоколу сè, што не се согласува со вашите налудничави ставови, а како и би се согласиле, кога сте толку плитки и саможивници.
Секако дека има различни и помеѓу вас, чест на сите достоинствени исклучоци. Некои се заведени со простачката квалификација, која нуди една фрапантна исклучивост – „Или си со нас, или си против нас, а ако не си со нас, тогаш си сељак, говедо, простак, фашист, тоталитарец, тиранин и, кога – тогаш, на најдраконски начин ќе се справиме со тебе, поточно, кога ќе падне оваа власт и кога ние ќе завладееме со државава, ти ќе бидеш ликвидиран. А таа ликвидација ќе биде морбидна и измачувачка по тебе, поточно, ќе те набиеме на колец, а потоа ќе ти ја отсечеме главата и со неа ќе ги украсиме руините на проектот „Скопје 2014“ – а кој ти го поддржуваш!“ Некои други се, пак, привлечени од парите, парите кои стигаат од извесни странски центри на моќ, за кои македонскиот народ и држава се непожелни појави на светската историско- политичка мапа. Третите се привлечени од плиткоумниот и фолирантски ексклузивитет со кој мавтате наоколу, а кој од вас прави гротескни битија. Демек, вие сте имале ниво и знаења, култура и добри манири.
Како прво, најверојатно повеќе никогаш нема да дојдете на власт. Вашиот политички простор ќе го заземат други луѓе и ќе создадат сосема нова конкуренција на власта, која ќе се темели на принципиелен натпревар помеѓу нови визии и идеи, кои ќе го унапредат политичко-економскиот живот во Македонија и, секако, ќе ја усовршуваат демократијата на секој план. Второ, после толку многу изборни порази време е да си го најдете вашиот реален простор, а тој е вон светот на политиката и управувањето со државниот систем. Македонскиот народ веќе не може да ја трпи вашата нетранспарентна дејност и вашите неподносливи лаги, кои не проаѓаат ни кај најретардираните суштества.
За крај, само да ви кажам дека немате никаков капацитет да импресионирате било кого, освен најисфрустрираните и искомплексираните индивидуи на овој геополитички терен. А за ваша несреќа, македонскиот народ, како и повеќето народи на оваа планета се реални, разумни и доблесни човечки суштества, со ништо подобни на вашата недоличност, помпезност и злоба.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


