Организаторот на претстојното ракометно Светско првенство има план како да ги наполни салите. Катар ќе понуди промотивни пакети, што особено ќе им оди во прилог на европските туристи што ќе сакаат да ги следат своите репрезентации, а ќе бидат за 40 отсто пониски од регуларните цени. Како што пишува Спортмедиа.мк, тие попусти се однесуваат на цените на хотелското сместување, и најверојатно и авионскиот превоз. Иако беше најавено дека конкретни цени ќе има во септември, Тани Андулрахман Ал Кувари, генералниот директор на СП, веќе најави како ќе бидат мерките за привлекување туристи.
„Нова промотивна кампања ќе им понуди на туристите извонредно примамливи пакети на гостопомство што многу брзо ќе бидат објавени. Но, јас можам да потврдам дека тие пакети на ракометните фанови ќе им понуди да можат да дојдат и да го бодрат сопствениот национален тим во срцето на Катар, и тоа со пониски цени за 40 отсто од регуларните, изјави Ал Кувари.
Понудата ќе биде за хотели со најмалку 4 ѕвездички, иако најголемата понуда ќе биде за оние вообичаено поскапите хотели со пет ѕвездички. Во Катар, покрај претставници од федерациите што ќе играат на СП, има и претставници на туристички агенции од земји од каде Катар очекува најмногу гости. Тие треба да се уверат дека ова ќе биде „првенство со пет ѕвездички“, и истото да можат да им го продадат на клиентите.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.