| четврток, 6 декември 2018 |

Шненокли или облаци од белки

Вкусот на шненоклките е чист, бидејќи имаат и едноставни состојки – млеко, јајца, шеќер, ванила, а за декорација можат да се збогатат со чоколадни трошки или пак со слатко

шненокли

Шненокли…Најубав десерт од детството. Никогаш не знаев да им го изговорам точното име кога бев малечка. Затоа им смислував други имиња – како „облачињата“, или „пудинг со белки“. Знаев дека се лапни-голтни за јадење, уживав во нив, можев да изедам неколку чинивчиња. Кога ќе почнев, не престанував, додека не ми се слошеше од толку многу благо.

– Немој толку многу да јадеш, ќе повраќаш – го слушам и денес гласот на постарите како ми велат да не се прејадувам. А јас, со чинивчето во кујна, јадам ли јадам…Се додека навистина ни ми дојде тажно во стомакот од толку шеќер. Одамна веќе не го правам тоа. Имам мера во јадењето на шненоклите. Ама пред триесетина година немав.

Бев нестрплива и не можев да дочекам да се изладат во фрижидер. Со лажицата гребев по „облачињата“, замислував деа сум качена на нив и одозгора го гледам Скопје. Како кога си на средно Водно па ја бараш зградата или куќата во која живееш, така и јас замислував дека лебдам на облачињата од шненоклите.

Вкусот на шненоклките е чист, бидејќи имаат и едноставни состојки – млеко, јајца, шеќер, ванила, а за декорација можат да се збогатат со чоколадни трошки или пак со слатко. И ако немате чоколадни трошки дома, секогаш имате какао, кое растопено ќе го прелиите одозгора и имате врвен десерт. Дури и за пред гости!

Во отсуство на „Милка“, „Нестле“, потоа прозиводите на „Краш“ и на „Европа“, како и без многуте слаткарници и супермаркети, шненоклите беа „благото“ со кое растевме. По ручек, ти се јаде благо, а дома немаше секогаш чоколадо, ама затоа секогаш ти се наоѓа во фрижидер млеко, јајца, потоа шеќер, ванила, густин…Се прави брзо, вкусно е и хранливо. Кога пораснавме, пораснаа и потребите и критериумите за добар десерт, посебно откако на послужавник добивме голем избор на слатки. Ги заборавивме шненоклите на сметка на други торти, колачи, ситни колачи. Се додека по многу години сосема случајно, некој ќе ти понуди шненокли!

 

Состојки:

4 јајца

1 литар млеко

6 лажици шеќер

2 пакетчиња ванилин шеќер

1 лажица густин

 

Подготовка:

Млекото се вари, заедно со ванилиниот шеќер и со една лажица шеќер. Јајцата се кршат и се одвојуваат белките од жолчките. Белките се матат со една лажица шеќер. Потоа, со лажица се прават кнедли од изматените белки и се додаваат во зовриеното млеко. Така се варат по 15-20 секунди и се вадат отстрана, во длабока чинија. Постапката се повторува додека не се истроши смесата. Млекото се трга на страна од ринглата. Потоа жолчките се матат со 4 лажици шеќер и со една лажица густин. Потоа, таа смеса се додава во млекото, кое се враќа назад на загреана рингла. Се меша постојано, додека не зоврие. Со таа смеса се полеваат белките. За крај може да ги украсите со чоколадни трошки или слатко.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top