| четврток, 6 декември 2018 |

Банди

Budimka-Popovska-2_90x115

Будимка Поповска

Додека во Бразил паѓаа голови, на блискиот Исток паѓаа ракетни проектили!

Во појасот Газа.

Дали е само привидно така, или навистина на таа територија се исполнува програмата на „проклетството“ да се нема мир и да се нема дом, кој да знае… Всушност, од аспект на современите достигања во областа на компјутерското инжинерство, се покажа дека тоа и не е толку програма, колку што е вирус. И лесно може да ги зафати останатите делови од светот. Поточно, кризата може да се прелева само во подрачја со пониско ниво на образовни, економски и културни стандарди.

Од аспект на теоријата на релативитетот, едно нешто постои само во фокусот на оној што (го)посматра. Дали тоа значи дека ако го исклучам телевизорот, и ако ја игнорирам веста за ова крајно здодевно бомбардирање, дека со тоа всушност ги спасувам од смрт невините жртви на залутаните бомби? Хокус покус. Нема Газа.

Или бомбардирањето се практикува како некаков вид воена вежба? Се најавува дека ќе се фрлат бомбите од толку до толку часот, за да останат на улица само оние со кои општеството и без тоа не знае како да се справи? Во принцип тоа се оние што не ги фермаат полициските часови.

Што ѝ останува на остатокот од планетата, додека светските медиумски агенции вршат директен пренос од ракетните бомбардирања во вечно кризните подрачја? Под услов сето тоа да не е обична студиска снимка којашто вештите монтажери по милионити пат ја прекројуваат за да изгледа малку поразлична од последната, за којашто агенциите известуваа пред само неколку месеци? Пред минатото примирје. Пред претходниот едвај постигнат договор.

Кој има полза од вечната караница?

Ако не е студиска снимка и ако не се работи за вртење на капиталот на воената индустрија, при што на целиот спектакл треба да се гледа само како на рекламен материјал за најновите ракетни проектили!

Слично како на секогаш поновите и поусовршени модели на смарт телефони, целата таа глетка може лесно да ве фрли во депресија и од немајкаде да почнете да ги евоцирате своите скромни сеќавања за најневозможните теории за смислата на животот како онаа на Монти Пајтон, да речеме… Замрзнати во вечноста, кадрите на меѓусебното убивање се еден вид неуморен потсетник за неможноста (или несакањето) да се држи под контрола нагонот за уништување, смртта. Каде и да плови бродот, патолошките рамки на цивилизациската автодеструкција пак и пак го насукуваат на карпа. Глобалното владеење, глобалната потчинетост и локалните системи за навигација.

Од еден таков романтичен центар на моќ деновиве ни беше испорачана најновата дефиниција за тоа што е компромис.

Сите да бидат незадоволни, тоа значело успешен компромис.

Германската канцеларка со оваа дефиниција го собори гинисовиот рекорд за паметна дефиниција на колатералната штета, со билатерална смисла. Ако се изземат оние што управуваат со сите процеси (тоа би биле суштества од повисоки светови), и држат сè под контрола, сите други (а под тоа други се подразбираат марионетките врз кои се спроведува експериментот на поделеност), зашеметени од оваа внатрешна конфузија, започнале една безмислена кавга и од икс причини не можат да ја довршат. Еден од најпознатите модели на таква кавга е онаа на библиските браќа Сим и Хам. Евреите и Арапите.

Некој му мести на човештвото, цело време. Од сенка. Скришно.

Од една страна скришно, од друга минарево баш и не го собира во торба.

Наместо минаре читај хаарп систем. Читај запрашување пола против комарци, пола против луѓе. Контрола на семињата. Кромид без лушпи. Друг каварџик. Без мирис на бавча. Со генетски преправки.

И ако по било која основа почувствуваме незадоволство, тоа не треба дополнително да нè вознемирува, напротив. Треба да нè радува. Тоа е знак дека ги исполнуваме критериумите! Во случај критериумите да не ни се доволно високи, можеме да симулираме исполнување. Нешто од типот: за да го залажеш непријателот, преправај се дека се плашиш од него… и додека се преправаш, внимавај и самиот да не поверуваш на сопственото преправање…

При судир на две банди победува бандата што „ќе го земе стравот“. Но во првиот миг кога ќе пропушти да „го земе“ стравот, таа ќе биде победена. Значи тоа е вечен баланс на нивото на адреналин помеѓу противниците, и од аспект на автоматско воспоставување рамнотежа, воопшто нема победен и победник. Повеќе и помалку успешен блеф. Краткотрајно пореметување на рамнотежата и брзо враќање на место. Големите клатна воопшто не ги интересира дали боговите станале на лева или на десна нога…

Немоќниот Давид заради моќта на својата убеденост дека (ако сака) може, го прегазува навидум непобедливиот Голијат.

Човек без непријатели е човек без квалитети…

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top