| четврток, 6 декември 2018 |

Грчева и Буралиева се вклучуваат во работата на собраниските тела

buralieva

Членовите на собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата денеска на седница го поздравија вклучувањето на пратеничките од СДСМ Солза Грчева и Љубица Буралиева во работата на парламентарните тела.

Според нив, ваквиот чекор треба да го следат и останатите колеги од опозицијата зашто единствен начин за решавање на проблемите и спроведување на реформите е токму преку дејствување и дебата во Собранието.

– Грчева и Буралиева се враќаат во работата на собраниските тела. Сакам да го поздравам овој гест со кој двете пратенички покажуваат политичка зрелост и натпартиско чувство, ставајќи ги државните интереси пред личните и на партијата – рече Лилјана Затуроска.

solza_grceva

Со ова, додаде, се испраќа јасна порака до меѓународната заедница дека и во редовите на опозицијата постојат совесни политичари кои знаат дека Собранието е местото каде што треба да се развива парламентарната демократија.

– Македонската опозиција да изнајде сили за враќање во Парламентот. Не само што ѝ е тука местото, туку и треба на демократијата воопшто, за расправа, за соочување со актуелната и ситуациите што претстојат – истакна Џевад Адеми.

Љупчо Димовски од Социјалистичка партија оцени дека враќањето на Грчева и Буралиева во собраниските тела е крупен чекор за опозицијата што го потврдува чувството за парламентарна дeмократија.

По кусата расправа, Комисијата едногласно ги усвои предлог-измените и дополнувањата на одлуките за избор на претседатели на комисиите на Собранието, нивните заменици, членовите и замениците членови со што пратеничките од СДСМ и официјално се вклучуваат во работата на собраниските тела.

Солза Грчева е член на комисиите за европски прашања и за образование, наука и спорт, како и заменик-член во комисиите за надворешна политика и за труд и социјална политика.

Љубица Буралиева, пак, е член на комисиите за култура и за локална самоуправа, како и заменик-член во комисиите за здравство и за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Ако останатите опозициски пратеници одлучат да се вратат во Собранието, исто така ќе имаат можност да бидат членови и заменици членови во по две собраниски комисии, согласно нивните афинитети и оценки – каде би можеле да дадат најголем придонес.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top