Самото присуство на германската канцеларка Ангела Меркел на состанокот во Дубровник да ги слушне лидерите е добра вест за регионот. А состанокот на крајот на август во Берлин кој Меркел го најави, како и самитот „Брдо – Бриони процес“ во Дубровник, како еден вид подготовка и запознавање на Меркел со ставовите на лидерите од Западен Балкан, е потврда за враќање на интересот на Германија во регионот, велат од кабинетот на македонскиот претседател Ѓорге Иванов.
Како клучни заклучоци кои се очекува да произлезат од средбата со Меркел, јави известувачот на МИА, се промоцијата, охрабрувањето и јакнењето на напредната форма на соработката на регионот со ЕУ, која ќе ја помогне финалната политичка и економска консолидација на регионот во рамките на проширувањето на Унијата.
Како што посочуваат од кабинетот на Иванов, ова значи дека сите досегашни регионални механизми на одреден начин ја завршија работата (како на пример ПСЈИЕ), дека нема веќе место за декларативност, дека ни треба напредна фаза на соработка од која ќе произлегуваат конкретни резултати, нешто на што претендира „Брдо Бриони процесот“ лани со Оланд, а сега со Меркел. Се бара конечна консолидација на регионот, политичка и економска во рамките на проширувањето.
Загреб и Љубљана, како што брифираат од кабинетот на македонскиот претседател, како членки на ЕУ, ја имаат целосната доверба и целосно се посветени да работат на овие прашања со Унијата и нивните соседи.
Со ова, додаваат, на одреден начин Хрватска и Словенија ја преземаат главната адвокатска работа за поддршка, но и за ЕУ проектите.
Се нотира состојбата на сите земји во однос на ЕУ, за Македонија се изразува надеж дека Европскиот совет ќе донесе одлука за пристапни преговори, имајќи ја предвид моќноста за паралелно движење во интеграцијата и надминувањето на билатералните разлики, нешто што Македонија во континуитет го бара.
Од кабинетот на Иванов посочуваат дека не се бега од внатрешни реформи, треба да се исполнат обврските, што значи да се реафирмира посветеноста за продолжување на внатрешните реформски процеси и поставување целосно обновување и отворање на општествата за подобра соработка за сите прашања од заеднички интерес. Доброто владеење, економскиот развој, владеењето на правото и нулта толеранција на корупцијата се централни задачи. Посебно внимание треба да се посвети на неприфатливиот процент на невработеност, посебно за младите луѓе.
Најважното политичко барање до Меркел, како што брифираат од кабинетот на Иванов, е ова да се организира и од него да произлезе јасна мапа за проширување. Најважен, велат, зашто никогаш досега немало не стратешки, туку воопшто каква било дебата за Западен Балкан на Европскиот совет.
На оваа тема ќе се разговара и со италијанското претседавање со ЕУ, за да влезе во процедура.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.