| четврток, 6 декември 2018 |

Златец (Јули)

Aco-Stankovski-2_190x120

Ацо Станковски

Чудесно е како авторитетот израснува од небулозната мрежа на конвенции, во чијшто епицентар е опстојувањето. Прво како артефакт, а потоа меморијата на поклониците на конвенцијата го прифаќа тој систем на номинирање рециклирајќи го во секоја нова генерација… заборавајќи во својата инертна прагматичност, дека пред целото тоа спроведување на означувања и реакции имаше само идеја… која беше во субјектот, би додал Рене Декарт, галски весело. Но, наспроти оваа, во планетарни размери анахрона рекогниција на синтетичкиот обид да се воспостави лингвистичка функција помеѓу физиката и метафизиката – Cogito ergo sum – е само една станица на патот на гностичкото истражување на бесконечното… Всушност, на констатацијата – мислам, значи постојам, некој будистички следбеник би го поставил прашањето – а кој или што е тоа што мисли? И целата картезијанска конструкција би се распаднала како кула од карти. Ова прашање (оваа рекогниција) на Будистот би дошла со задоцнувањето од дваесетина века, а дури цели 25 века во однос на медитативниот синхроницитет на спонтано поставените промисли во елитните кругови на западната свест во ликовите на Витгенштајн, Фројд или Карл Густав Јунг…

Но, еве го јули. Тој месец, што транзитира од бројот 6 (број на фаталитет) во бројот 8 (број што ја означува бесконечноста). Се работи за седмиот месец – седмата чакра на просветлувачкиот увид – во глобалната индиска мистика; седмото небо (каде се среќаваат просветлените личности и духот на Севишниот), седмиот печат – ултимативното поглавје во Откровението на Св. Јован Богослов од Новиот Завет, традицијата на Шабатот кај Евреите (откако Јахве го создаде светот во шест дена, седмиот го одреди за ден на одмор и вдахновение…) и седумте брда на Рим – светиoт град (или вечниот…), седумте џуџиња на Снежана… воопшто, една среќна бројка… Па затоа нашите предци го нарекле Златец, во обидот да го сублимираат целиот тој благослов и бериќет, тоа азно, што живот значи во лебот наш насушен и медот и цветовите и обоените метали, што најбарокен израз во златото добиваат. Помама за монарсите и сатрапите, за лихварите и разбојниците, за сите оние епизодисти во Теaтрум Мунди.

А месецов по Јулиј Цезар своето име го доби. Поточно, по неговиот декрет да се изврши промена во календарот од месечево во сончево сметање на годината, а месецот, во кој Гај Јулиј Цезар беше роден, во негова чест да се нарече јули (пред тоа го нарекувале месец Квинтилис).

Дури ни новата промена на календарот од 1582 година, што од научниците ја нарача папата Грегор Тринаесетти, не го измени името на месецот јули, кое, всушност, имаше политеистички происход, но некои работи не треба да се менуваат – во името на континуитетот и мистериозната хармонија која зрачи од него. Како инаку би опстоиле древните пирамиди од фараонскиот Египет или ѕидовите на Кносос.

4-ти јули во Њујорк, Денот на независноста на САД, денот сончев, полн со лудило, експлозии на петарди, илјадници од нив создаваат атмосфера на некаква револуција или граѓанска војна, птиците испаничено летаат од зграда до зграда, од сквер до сквер…

„14 јули“, прекрасно платно на фовистот Морис Дени, колористичен приказ на празникот, кој Французите го слават во чест на падот на Бастилја и почетокот на Француската буржоаска револуција… од монархија, во република… fraternite, egalite, liberte? Или ова важи само во ложите?

26 Јули – денот, кога во 1963 година Скопје беше погодено од катастрофалниот земјотрес, кој однесе преку илјада животи, а градот го претвори во руина. Првото јавување дојде од стрaна на еден британски воен пилот кој летал над Скопје во некаква разузнавачка мисија. Точно 15 минути по потресот тој видел еден гигантски облак од прав под себе. Неговото јавување преполно со паника – „Советите ја нападнаа СФРЈ со атомско оружје. Погоден главниот град на СРМ – Скопје”!

Нешто подоцна, во обемната акција на солидарност, што светот ја презеде за ублажување и санирање на последиците од катастрофата, на територијата на Скопје се најдоа мисии од најразлични делови на светот. Тука за прв пат по почетокот на Студената војна се ракуваа и соработуваа африканските и советските официјални претставници. Скопје низ својата трагедија стана антиципација на можниот детант. Скопје, градот на солидарноста, кој во земјотресот го изгуби својот граѓански сјај и се претвори во недовршен урбано-архитектонски експеримент, во кој требаше да се имплементира една модернистичка утопија (како во Чандигар или Бразилија), која по своите консеквенции не инаугурира ништо повеќе од еден алиениран провинцијализам, кој и по 40 години јалови заложби прилегаше на Франкејнштајновото чудовиште. Каде беа Офицерскиот дом, Народниот театар, Железничката станица, Народната банка, црквата Св. Константин и Елена… некои култури ваквите зданија, разорени во трагични настани (Дрезден, Варшава, Лондон…) ги обновуваат и на тој начин сведочат за континуитетот и истрајноста на сопствениот креативен дух. Но, не и ние во тие времиња. Сепак, по 2008 година видовме силни заложби, дел од изгубеното историско Скопје да се обнови, и тоа се обнови. Така, денес можеме со восхит и достоинство да ги проследиме новите заложби на државата за еден цивилизиран и културен пристап кон минатото, сегашноста, а се надевам, во догледно време и кон иднината.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top