Местото на опозицијата е во Парламентот и таа треба да се врати во Собранието, е пораката на пост мониторинг мисијата на Делегацијата на Парламентарното собрание на Советот на Европа, која денеска во Македонија ќе има средби со државниот врв и со претставници на клучните политички партии.
Шефот на делегацијата на Македонското собрание во ПССЕ, Александар Николовски по средбата со Делегацијата на Советот на Европа, попладнево истакна дека заедничка констатација е дека е недозволиво тоа што се случува во моментов со бојкотот на Парламентот од страна на опозицијата.
– Според нивното поимање, ова што се случува сега е недозволиво и сметаат, исто како што сметаме ние, дека треба да се разговара за сите отворени прашања, дека е очигледно дека има прашања за кои постои различно мислење помеѓу власта и опозицијата и дека тоа е нормално, но никако тоа не треба да се прави надвор од институциите, односно од Парламентот, рече Николовски.
Тој потсети на ставот на ВМРО-ДПМНЕ дека се подготвени да разговараат за сите отворени прашања за кои СДСМ е загрижена, но исклучиво во институциите на системот како што тоа се прави насекаде во Европа.
Тој истакна дека во денешните разговори, иако се уште не е формирана ЕК, заеднички била изразена загриженост од можноста Република Македонија да не добие препорака за почеток на преговорите со ЕУ поради политичката криза, односно однесувањето на опозицискиот СДСМ.
– Тоа стои како можност. Никој не го наговестува ниту вели дека ќе биде така, но постои како можност и тоа е уште една загриженост и кај нив и кај нас за она што може да и се случува на Македонија. И лично сметам дека политиката која што вели „колку полошо за државата толку подобро за одредена политичка партија“ не е политика која што носи добро, посочи Николоски.
Делегацијата на Советот на Европа, која ја сочинуваат Штефан Шенах, претседател на Монторинг комитетот и Роберт Волтер, известител за Македонија во СЕ, од страна на Николовски и членовите на македонската парламентарна делегација во ПССЕ била запознаена со случувањата во земјата по изборите, а заедничко било констатирано и признато дека Република Македонија изведе успешни, професионални, демократски и ефикасни избори за претседател на државата и пратеници во Парламентот. Шенах и Волтер, воедно, рече Николоски, се повикале на одлуката на Мониторинг комитетот на СЕ од 16 мај во Париз и на Парламентарното собрание на СЕ од 22 јуни во Стразбур во којшто повикува на враќање на довербата на граѓаните во институциите поврзана со бојкотот од страна на СДСМ и со бојкотот, односно неучеството на претседателските избори од страна на ДУИ.
Делегација на СЕ оствари средба и со премиерот Никола Груевски, а во текот на денот треба да се сретне и со претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, со претставник на ДУИ, со лидерот на ДПА Мендух Тачи, како и со лидерот на СДСМ Зоран Заев.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Николоски: Исходот на референдумот е дефиниран од Законот, а не од толкувањето на власта
-
Николоски: Дали е ова последниот Илинден што го дочекуваме како Република Македонија?
-
Николоски открива: Во јануари ни тврдеа дека нема шанса да менуваме Устав
-
Николоски: Или воопшто нема да има референдум или ќе има референдум којшто ќе е изманипулиран