| четврток, 6 декември 2018 |

„Црвената соба“ на Стриндберг првпат на македонски јазик

црвената соба

Друштвото за издавачка дејност „Македонска реч“ од Скопје неодамна објави нов роман на познатиот шведски писател и еден од најпознатите драмски писатели во светот Аугуст Стриндберг – „Црвената соба“, во превод од шведски јазик на Ивица Челиковиќ.
Заедно со ова дело, досега „Македонска реч“ објави шест дела од Стриндберг – сите првпат на македонски јазик, и сите во превод од шведски јазик на Челиковиќ.
Освен „Црвената соба“ „Македонска реч“ досега ги објави првиот и вториот дел од автобиографскиот роман „Синот на слугинката“, романот „Селани од островот“ и драмските текстови „Пеликанот“ и „Игра на соништата“.
Романот „Црвената соба“ (1879) е именуван според ресторанот во кој Стриндберг често се среќавал со своите пријатели новинари и уметници. Главниот лик е Арвид Фалк. Барајќи работа во Стокхолм, среќава алчни прекупци, мрзливи аристократски жени, лицемерни свештеници, недоделкани парламентарни пратеници и цинични издавачи. Најдобро се чувствува надвор од градот заедно со другарите во „Црвената соба“, кои се исто така во постојана беспарица. Во ова дело на Стриндберг, кое се смета за прв модерен шведски роман, доминира слика на гнило општество – на едно „ткиво од лаги“: општество во кое моќта на парите е тотална, а насекаде се присутни деловните измами и гнилежот на корупцијата.
Стриндберг (1849­-1912) е најзначаен шведски писател на преминот од деветнаесеттиот во дваесеттиот век. Пишувал романи, новели, драми, песни, критики, есеи, писма.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top