| четврток, 6 декември 2018 |

Антистрес терапија

Budimka-Popovska-2_90x115

Будимка Поповска

Стрес. Модератор на емотивната култура. Сакал или нејќел, човек мора да научи да се справува со овој предизвик. Дома. На работа. На улица. Во црква. На одмор. Најмоќната стапица на стресот е да ве убеди дека сте имуни на неговите финти. Тогаш ги задава најболните удари.

Стресот не може да се спречи. Но, може да се подобрува сопствениот начин на справување со него. Најдобриот лек, како и секогаш, е превентивното дејствување. Тоа значи додека е здрав, човек да го чува здравјето. Да ја негува својата емотивна интелигенција. Да внимава на своите чувства без разлика дали се со плус или минус предзнак. Да ги изразува чувствата и да ја заборави навиката на потиснувањето. Да ја научи емотивната азбука на својата душа и тело, и да ги чита сигналите.

Превентивата е човек да го чува доброто расположение. Како? На работа се соочувате со мобинг. Ви го украле автомобилот од паркингот пред зграда. Банката во која сте ја депонирале животната заштеда штотуку банкротирала. Што да се прави?

Еден од најдобрите методи во психологијата го нарекуваат „парадоксална интенција“.

Тоа значи дека сè што сакаш и посакуваш во најлудите и најсмели сонови, иако се чини неостварливо, може да биде.

Се случува неочекувано. Кога ќе научиш да ги пушташ нештата да си течат во коритото на својот природен тек.

Кога чекаш некого, тој не доаѓа.

Доаѓа кога не го чекаш.

Кога правиш нешто, нештото не се прави.

Се прави кога не го правиш.

Кога ќе научиш да ги отпушташ своите затегнати нервни канали низ кои струи животот лично и персонално.

Кога ќе му помогнеш на срцето да чука со свесно „вдиши, издиши“ правејќи го ритуалот на циркулирањето со радост и благодарност. Не затоа што си принуден или заради редот и формалностите на тоа да се биде човек.

Кога ќе научиш да ги затегнуваш своите мускулни влакна како што тоа го прави еден тигар, една антилопа, еден зајак, еден слон и елен можеби.

Кога ќе си ја дозволиш најубавата храна, но не повеќе од два до три залака. Кога ќе престанеш да се казнуваш со прејадување. Со промискуитетно расфрлање на своите гениталии на „кому иде“. Кога воопшто ќе престане потребата од казна. Кога ќе се засакаш по долги години самопрезир.

Кога на замагленото огледало по туширање ќе напишеш те сакам и ќе чекаш пареата да излезе низ прозорецот, а контурите од буквите ќе се растечат по огледалото, а по некое време ќе испарат во облаците и со следниот дожд само ти ќе знаеш дека заврнало од љубов.

Кога ќе ти стане јасно дека парите во материјалниот свет се одраз на енергијата во духовниот свет. Дека сиромашните не растат на дрво, туку се направени во лабораторија. Дека се вештачки сиромашни. И заслужуваат да бидат богати колку што ќе посакаат. Колку енергија, толку пари. Толку музика.

Можеш да одбереш – да бидеш композитор и да го креираш распоредот на нотите, или да бидеш пасивен слушател. Да зависиш од милоста на богатите. Или постојано да ја зголемуваш свесноста за тоа дека единствениот извор на енергија е Бог. Богатите љубоморно ја чуваат оваа тајна, но затоа живеат во постојан страв од загуба (loss)и го кријат златото во сефови, а домовите ги осигуруваат со блиндирани врати коишто може да ги сруши само трета светска војна што, освен бубашвабите, ќе ја преживеат и блиндираните врати.

Кога твојата моќ за креирање од латентна ќе стане активна и ќе си дозволиш да бидеш во друштво на најубавите луѓе на светот. Кога ќе исчезнат сите слики на страшила обесени на колци по нивите и ливадите, а ќе бидат заменети со цвеќиња, парфеми, виножита.

Кога митот за Ахиловата петица ќе го претвориш во вистина за тоа дека твојата најголема сила е сконцентрирана токму зад твојата карактерна мана со која избегнуваш да се соочиш. Кога ќе се одважиш на соочување и покрај залогот на стравот кој при секој неуспешен обид те уценува и прави да се чувствуваш како мивка.

Кога ќе си ја дозволиш најубавата можна терапија со ароми и долго киснење во када што го има само на едно место – во рајот – и кога со помош на солта ќе го направиш рајот состојба на духот овде и сега.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top