Грчкиот премиер Андонис Самарас вчера во Европскиот парламент во Стразбур изјави дека не знаел дека македонскиот јазик постои и дека тој бил измислен од комунистите, јавува дописникот на МИА од Стразбур.
Самарас ова го кажа како одговор на прашање на дописникот на МИА, кое се однесуваше на процесот за проширување на ЕУ односно како Република Македонија ќе напредува во европската интеграција, со оглед на тоа дека главната пречка е токму спорот со името поради што е блокирана од Грција, откако Србија започна преговори, а Албанија доби статус на кандидат.
– Игнорирав дека Македонскиот јазик постои. Процесот на приклучување не е според распоред туку според заслугите. Во Европскиот совет решивме да не отвориме преговори со земјите што денес не одговараат на критериумите, бидејќи со тоа се става во прашање кредибилноста на проширувањето и на целиот процес во Европска унија. Кога ми го поставувате прашањето сакам да додадам дека кога непопустливоста го заменува дијалогот, нештата стануваат многу тешки за решавање. Крајно тешки. Тоа е политичката реалност денес. Што се однесува до Грција ние сметаме дека Скопје покажува голема непопустливост и тоа е лош знак не само за Грција туку и за целиот свет – изјави Самарас.
Во реакцијата, дописникот на МИА му одговори на грчкиот премиер дека македонскиот јазик постои и дека е признат јазик од лингвистите, дека јазикот не е измислен и дека е зборуван и од припадниците на македонското малцинство во Грција, кое грчката држава не го признава. За тоа сведочи и студијата Евромозаик на Европската комисија.
По ова Самарас одговори на француски јазик тврдејќи дека тоа е измислено од комунистите.
– Има многу нешта што комунистите ги измислија самите, и не би сакал да зборувам за тоа – рече Самарас.
Попладнево пред европратениците во Стразбур се претставуваат приоритети за идните шест месеци на италијанското претседателство со ЕУ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.