| четврток, 6 декември 2018 |

Влада: Ранливата категорија граѓани да не плаќа радиодифузна такса

Според Ивановски, наплатата на радиодифузната такса кај ранливата категорија граѓани е минимална, а Управата за јавни приходи ќе ги изземе од најавените тужби за неплатена радиодифузна такса во изминатиот период

vlada_nadvoresno_g_4-520x390

Околу 34.000 корисници на социјална помош и 5.000 на постојана парична помош да бидат  ослободени од плаќање радиодифузна такса, предвидуваат  измените на Законот за аудиовизуелни и медиумски  услуги, што Владата предлага да ги усвои Собранието по скратена постапка.

Примената на законските измени, што се на дневен ред на собраниска седница  наредната среда,  денеска ја утврдуваа министрите за информатичко општество и администрација и за труд и социјална политика Иво Ивановски и Диме Спасов.

– Веднаш по стапувањето во сила на законот Министерството за труд и социјална политика постојано редовно секој месец ќе доставува база на приматели на социјална и постојана парична помош со цел  ЈП Македонска радиотелевизија да не фактурира радиодифузна  такса кон овие граѓани приматели на парична помош од страна на држава и кои реално се во најтешка состојба – изјави министерот Спасов.

Според Ивановски, наплатата на радиодифузната  такса кај ранливата категорија граѓани е минимална, а Управата за јавни приходи ќе ги изземе од најавените тужби за неплатена радиодифузна такса во изминатиот период.

– Трошоците кои ги има УЈП се многу поголеми од она  што можеме како Буџет да  го инкасираме. Поради тоа, донесовме политичка одлука да им се помогне на овие граѓани и доживотно да се изземат од наплатата  на радиодифузната такса, а да продолжиме да работиме на  системот за да креираме јавен радиодифузен сервис по примерот на останатите балкански земји – рече Ивановски.

Тој информира дека се во напредна фаза разговорите за моделот со кој ќе се овозможи што повеќе граѓаните да ја плаќаат радиодифузната такса, на поедноставен начин и со помала провизија кон банките.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top