| четврток, 6 декември 2018 |

Уметници од цел свет од денеска ќе творат на Меѓународната колонија во Вевчани

По петти пат во Вевчани се организира Меѓународната ликовна колонија „Вевчански видувања“, на која ќе земат учество над 30 еминентни ликовни уметници од Македонија, но и од Република Грција, Русија, Србија, Египет и Франција.

Целта на оваа колонија е да обединува голем број светски признаени уметници, кои инспирирани од убавините на Вевчани и неговите извори, ќе ја промовираат соработката и почитта помеѓу народите и државите и ќе создаваат уметнички дела кои ќе придонесат за поголемо меѓусебно запознавање и зближување.

До сега на Меѓународната ликовна колонија „Вевчански видувања“ учествуваа голем број еминентни ликовни уметници, меѓу кои академик Глигор Чемерски, Трајче Јанчевски, Илија Кафкалески, Стеван Поповски, Павле Кузманоски, Таки Павловски, Доне Миљановски, Ставре Димитров – Стадим, Данчо Ордев, Ниче Василев, Петар Попчев, Владимир Темков, Јулијана Гешоска, Решат Амети, Емил Шулајковски, Оливера Велкова, Војдан Запров и Александар Филев од Македонија, како и Рајко Тодоровиќ – Тодор и Ана Лаковиќ од Црна Гора, Петар Белаишки и Милисав Бонов – Мибо од Бугарија и Ана Богданова, Ирина Ефимова и Ана Фервалева од Русија, Сает Дервиш од Египет, Клод Дервен и Весна Бајалска од Франција, како и многу други личности од други држави.

Изминатите години со слики од Колонијата беа организирани поголем број изложби, меѓу кои и во Подгорица – Црна Гора, Софија – Бугарија, како и во Скопје, но и низ други градови во Македонија. Изложбите, како што истакнуваат организаторите, предизвикаа голем интерес кај ликовната публика, но и кај пошироката јавност.

Вевчанската колонија ќе трае до 10 јули.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top