– Премиерот Никола Груевски треба да ги прекине разговорите со Зоран Заев. Изборите се завршени, институциите се повторно конституирани, демократскиот легитимитет на институциите е неспорен, па нема потреба Заев и СДСМ да добиваат толку внимание колку што им го дава Никола Груевски – коментира политичкиот аналитичар Ивица Боцевски за Вечер, два дена по средбата на лидерите на двете најголеми политички партии која заврши без договор поради барањата на Заев за формирање на техничка влада.
– Тие самите избираат да го бојкотираат Собранието, јасно им е како бел ден дека немаат никаква причина за бојкотот, уште појасно им е и дека немаат никаква поддршка, од ниту една страна, а веќе и на членството на СДСМ му станува јасно дека Заев и актуелното раководство на таа партија нема никаква идеја, визија или стратегија како понатаму ќе продолжи со своето политичко делување. Затоа не гледам зошто премиерот Груевски би ги продолжил разговорите со СДСМ. Таму очигледно нема волја за политички дијалог, туку чист политички егзибиционизам на размазени деришта. Македонија не заслужува таквите да седат на иста маса со нејзиниот премиер како рамноправни соговорници. Доколку избрале да се поништат како политичка сила, тогаш нека го сторат тоа. Груевски нема никаква обврска да ги спасува од нивните намери за политичко самоубиство, изјави Боцевски за Вечер.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.