| четврток, 6 декември 2018 |

Mонографија за селото Ваташа

Vatasa

Селото Ваташа ја доби својата прва монографија-дело на авторот Петре Камчевски, директор на Музеј и галерија – Кавадарци. Промоцијата се одржа во домот на културата „Иван Мазов Климе“, а ја претставија Зотан Тодоров, Виолета Ачковска и Марко Китевски.
Во монографијата на 480 страници авторот ги претставува археолошките, историските, културните, образовните, стопанските и револуционерните состојби во ова големо тиквешко село, за кое со право велат дека претставува стопански, културен, образовен и револуционерен центар на целиот тиквешки крај. Монографијата за село Ваташа е хронолошки приказ на сите најзначајни случувања уште од времето на праисторијата, античкиот период, средниот век се’ до крајот на Втората светска војна.
Направена е во спомен на многу значајни личности од историското минато на ова тиквешко село, како што биле монасите Симеон и Христо Грамотик од Моклишкиот манастир, првите ќелијни учители од овој крај, првите ваташки ајдуци од почетокот на 19 век, членовите на првата ваташка фарија (народна милиција) од 1896 година, ктиторите на ваташката црква „Успение на пресвета Богородица“, Хаџи Коле Поп Антов и Крсте Минчев, првите ваташки лекари Пандо Јанев Каменов и Емануел Бакалов, плејадата ваташки учители меѓу кои: Даскал Камче, неговиот син Димитар, Андон Грков, Арсение Костенцев, Ѓорѓи Милетиќ, Ѓорѓи Мицаров, отец Алексие Поп Стефанов, Јордан Хаџи Константинов-Џинот, Илија Тошев, Димитар Мирчев, Пане Поп Коцев и др. Ваташките револуционери од предилинденскиот период: Арсо и Наца Пинџурови, Захарко Димов, Лазо Сојтериев Берберот,Глигор Мукаетов-Грошот, Мишо Еленов и др. ваташките револуционери од илинденскиот и поилинденскиот период како: браќата Тодор, Христо и Јованче Поп Антови, Димитар Пинџуров, Дончо Лазароц Сојтеријата, Никола Шишков, Глигор Дујлов, Пане Поп Коцев и др., ваташките револуционери и борци од времето на НОВ и револуцијата 1941-45 година како: Страшо Пинџур, Димката Габерот, неговите браќа Боро и Наќо Ангелови, Ристо Џунов, неговите браќа Блаќе и Пане Џунови, Методи Џунов Џико, делегат од ова село на првото заседание на АСНОМ, Наќо Мешкоб Кочо, првиот излезен партизан од ова село, Илија Коцев-Јанко, Ката Видикова, Брајкова Ружа и Ката Баснаркова – првите партизанки од ова село, Ѓошо Бојаџиев, Блажо Паракеов, Блажо Чекоров, Ангел Ралев, ваташките младинци и нивните другарки организирани во две големи скоевски групи и многу други.
Камчевски средствата што ќе ги собере од продажбата на монографија ќе ги пренемени во хуманитарни цели. Ќе ги донира на манастирот „Свети Никола“ во Моклиште каде што во наредниот период ќе се врши реконструкција на манастирските конаци.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top