| четврток, 6 декември 2018 |

„Медиумски мрак“ – фразеолошка креатура на…

bona

Колумнист:
д-р Бона Лазар Бајрактарова
Универзитетски професор

Во Македонија има поединци, групи и групации што ја монополизираат вистината за слободите во Македонија! Тие ја креираа фразеолошката креатура – флоскулата „медиумски мрак”, со континуирано инсистирање дека медиумите во Македонија не се слободни, новинарите не можеле слободно да се изразуваат – се самоцензурирале! Генерално – немало слобода на говорот?! Го наметнуваат ова дома, но и надвор. Според начинот на дејствување на овие, самонаречени борци за слобода на говорот во Македонија, очигледно е дека се доживуваат како единствените вистинољупци во државата. Неистомислениците и тие што ќе се дрзнат да ја критикуваат нивната „вистина” ги етикетираат како застранети, заблудени или поткупени од државата/власта, а не се мислат ниту, на свој уникатен, квазидемократски начин, на таквите (И.М.) на пр., да им се заблагодарат за соработката во нивните едномислечки, а „вистинољубиви” медиуми/гласила; едноставно кажано, да им го прекинат ангажманот; заштедените средства од хонорарот ќе бидат пренасочени кон некое друго перо – исто така, остро, ама еднонасочно, и максимално компатибилно со уредништвото.

Да не беа такви нашиве „борци“, во Брисел, пред некоја година, на средбата што ја организираа со Шацимаркакис (познат како плагијатор на д.д., поранешен европратеник, кој пред извесно време побара на Македонија да ѝ се одземе кандидатскиот статус за ЕУ) немаше да расправаат сами со него, туку на договорената тема (слобода на медиумите во Македонија?) ќе полемизираа заеднички со своите македонски колеги присутни таму, и демократски ќе ги спротивставеа своите (дијаметрално различни) ставови, место да гледаа сеир при непристојното однесување на Јорго Ш. кон нив.

Средбите што ги организираат во земјава со странски „фактори – арбитри” на медиумските слободи низ светот (Репортери без граници, Д.М., и сл.) се според истата шема! МОНОЛОГ! Еднострано изнесување на „фактите“, кои потоа се трансформираат во некаков извештај (на Фридомхаус и слични организации) за состојбата со медиумите во Македонија! „Арбитражната функција” споменатите „фактори” најлесно ја остваруваат во земјите како Македонија токму преку локалните, самонаречени борци за медиумска слобода, а делењето лекции (за „медиумските слободи”) е пресвртна точка на нивното дејствување и постоење. Инаку, овие фактори немаа коментар за неодамнешната „ненадејна” смена на уредничките на двете познати марки во медиумската сфера – американскиот „Њујорк тајмс“ и францускиот „Монд“. Немаше критики, зашто, нормално, рокадите кај високите медиумски позиции издавачот/сопственикот ги прави според свои согледувања, процени и очекувања за поголем подем на медиумот/весникот од повеќе аспекти… актот се објавува со претставувањето на новиот уредник (неговата биографија) и потсетување за придонесите на претходниот…; очигледно, поставувањето или отповикувањето на еден главен уредник (или новинар) е нешто повеќе од правo во работните односи!

Познати светски медиуми (британскиот The Guardian, американскиот The Wall Street Journal, The Washington Post и др.) се огласија (…dramatic departures of Jill Abramson and Natalie Nougayrede as the editors of the New Yorc Times and Le Monde…) по повод настанот, повеќе од аспект на фактот дека се работи за жени-уреднички, кои според одредени анализи, на највисоката /уредничка/ позиција се застапени само околу 3%, но и дека почесто и полесно се изложени на можноста да бидат сменети од истите! Интересен е податокот дека во 160 годишната историја на весникот The New York Times (основан 1851 година), Jill Abramson била првата жена уредник; функцијата ја обавувала неполни 3 години; Natalie Nougayrde во Le Monde (основан 1944) е исто така првата жена уредник, а функцијата ја обавувала само една година).

Во Собранието на Р. Македонија, на закажана расправа во Kомисијата за транспорт и за врски по Законот за медиумите и Законот за аудиовизуелните услуги (јули 2013), во присуство на претставници од новинарските здруженија (ЗНМ, МАН), Синдикатот, МИМ, Советот за радиодифузија, уредници и новинари), приказната со нашиве „борци” – иста. Место демократска, културна дебата (на нивната омилена тема), медиумскиве „борци”, со екстремно користење на своите гласни жици (потпомогнати и од опозициските пратеници од минатиот состав), се обидоа да ја неутрализираат својата колешка М. Велиновска. Не сакаа да се слушне поинакво мислење за слободата на говорот / медиумите во Македонија – поинакво од нивното! Што од говорот на Велиновска не требаше да биде забележано од собраниските микрофони?

Во дел од најновиот извештај на „Фридом хаус“ посветен на медиумската независност во Македонија (И.К., Дневник, 17.6.2014) стои: „Медиумски организации и независни експерти ги критикувале законите (предложени од Владата на РМ – м.з.) посочувајќи дека нивната цел е да ги регулираат/контролираат сите медиуми, вклучувајќи ги и печатените и на интернет преку ист медиумски регулатор, кој е под влијание на Владата…” Ваквата формулација ја наметнува дилемата за соодветноста на користените податоци/информации за изработување на Извештајот по ова чувствително прашање, затоа што, очигледно, ги содржи препознатливите ставови само на напред споменатите „борци за слобода на медиумите” – тие, кои во Македонија ја наметнуваат својата еднострана вистина! При прибирањето информации за анализа и изработување на Извештајот за состојбите во медиумската сфера во Македонија, впечаток е дека не се земени предвид гледишта од повеќе извори, што, според мене, секако влијаело врз степенот на неговата објективност.

Следејќи ги медиумите во државава (печатени, електронски – разни интернет-форми-портали), без оглед на тоа како се оквалификувани – провладини, проопозициски, може да се забележи дека во Македонија не само што секој може да го искаже своето мислење, туку, многу често се преминува границата на тоа што значи етика, морал и професионалност, кога се работи за јавно искажан збор! Говорот на омраза што го практикуваат поединци, критиките ги претвора во критизерство, а, според мене, најмногу го користат токму споменатите „борци”. И, некаде ќе го прочитате апсурдното објаснување (од нечиј личен – политички мотивиран, секако, „унив-професорски” агол на гледање и поимање) – дека говорот на омраза не бил секогаш говор на омраза! Oсебено, ако се напаѓа власта / Владата и се разбира неистомислениците. Таквиот говор, често содржи невистини, полувистини, многу екстремни, несоодветни изрази, малициозност во искажаното, крајно непочитување на дигнитетот на личности или важни институции во државата! Од друга страна, често се користат непрецизни/двосмислени изрази (свесно или несвесно?), што можат да произведат секаков вид на проблеми и последици за поединци, но и за целото општество.

Тоа што во земјава посебно загрижува е што, како што веќе споменав, самобендисани поединци или групи користејќи ја токму медиумската слобода за која велат дека ја нема, ја монополизираат вистината инсистирајќи исклучиво на своите погледи и сфаќања за – добро/лошо, успешно/неуспешно, естетско/кич итн! Во желбата и настојувањето да ѝ го олеснат патот на опозицијата до владејачкиот трон – тие се забораваат, ги извртуваат работите, позитивната трансформација, која се случува во македонското општество (речиси во сите сфери, препознаена и потврдена на многу избори) ја игнорираат – правејќи голема штета. Создадоа непријатна слика за државата, а на народот му забележуваат дека е некритичен кон власта, дека е манипулиран?! Ова е едно од крајно апсурдните објаснувања со кои си ги толкуваат изборните резултати со години наназад. Инаку, никој не вели дека работите во земјава се идеални – напротив, многу нешта треба да се подобруваат – а најмногу од се` /колку и да изгледа ова разголување на самите себе, мора да признаеме/ најголеми промени ни се потребни во менталитетот, личното залагање и посветеноста.

Со необјективноста на „борците”, штета ѝ се нанесува и на опозицијата. Зашто, без реална критика за нејзините слабости (од народот одамна препознаени и казнувани на сите избори од 2006 година наваму), а со подгревање лажна надеж за силна поддршка од граѓаните, нејзиниот статус уште долго нема да се промени.

Штетата оди и на контото на „вистинољупците” (разни гласноговорници, „аналитичари” од разни профили,…) кои поради своето поимање и манипулативно практикување на слободата на говорот и користењето на дозирана објективност место непристрасно изнесување на мислењата и ставовите, кои би придонеле за подобро општеството, го губат личниот кредибилитет, но се разнишува кредибилноста и на медиумот, рејтинг агенцијата / институтот / порталот што поддржува таков пристап.

И, за крај. Вистинската слобода на говорот подразбира слобода на изразувањето, на индивидуалното мислење и суд за работите. Но, таа слобода не е безгранична – рамка и е вистината!

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top