Орсон Велс погледна кон задникот на Оља Кодар – неговата нова љубовница, надарена со целата варварска сила на динарската раса. Овој поглед го развесели загревајќи му го либидото. Оваа јужнословенска варварка (Хрватка) носеше повеќе еротика во своите глутеуси од сите холивудски диви и старлети што ги беше обљубил во своите денови. Вистински подарок од Диониса во овие поодминати години. Понекогаш ќе го совладаше скепсата на стар конспиративец, но сè уште титанскиот апетит го задушуваше секој вид преиспитување на состојбите и афинитетите на душата, што неминовно води во аскеза. Оваа состојба на свеста ја акцептираше само теориски. Секогаш епикуреец! Конечно, што може да се загуби, освен безвредноста и ефемерноста на овој свет. Ах, Оља, едвај чекам да падне мрак врз овој утопистички остров – Ванга – (каде што беше поканет лично од Маршалот Тито, како гостин во неговата резиденција на Бриони по повод завршувањето на филмот „Битката на Неретва“, на југословенскиот режисер Вељко Булајиќ. Тука, на островот, беа сместени и другите главни актери од странство – Јул Бринер, Франко Неро, Силва Кошчина, Сергеј Бондарчук итн). Одеднаш од разлеаниот меланж на неговите аркадиски мисли, во реалноста го врати рикот на лавовите од блиската зоолошка градина, што претставуваше посебна гордост на маршалот – како во „Граѓанинот Кејн”, само што маршалот воопшто не беше осамен капиталист, кој цело време бара љубов, напротив, овој граѓанин го имаше целото внимание и љубов на овој свет, посебно по конституирањето на неврзаните.
– Секогаш пред ручек ги храни лавовите – се огласи Оља Кодар од бањата.
– Веројатно тоа му го зголемува апетитот – се надоврза Орсон Велс, не пропуштајќи да фрли алчен поглед кон орјашките дојки на Оља Кодар, која ревносно си ги мачкаше со крем за сонце.
О.К.: – Маршалот е вистински маж, кој по сите маки што ги има видено во животот, може малку и да поужива – продолжи мадам Кодар, мачкајќи си го задникот.
О. В.: – Без сомнение. Слушам, самиот маршал го правел кастингот за странските артисти!? – Орсон стана зајадлив.
О. К.: – Ако мислиш дека нашето познанство не е производ на случајност, тогаш дозволи ми да отстапам – мадам Кодар почна да генерира заканувачки бес.
О. В.: – О, не, никако. Впрочем, и да си човек на УДБА, сеедно ми е, сè додека рикаш како магарица додека водиме ‘војна’ под ‘јорган-планина’.
О. К.: – Ах, повторно таа несигурност, испреплетена со мачоистичка вулгарност. Токму таа претенциозност ги прави твоите креации толку крути и нестварни – „Граѓанинот Кејн“, „Третиот човек“, „Отело“… порасни веќе еднаш!
О. В.: – Сакаш да кажеш, дека улогата што ми ја додели маршалот Тито во „Неретва“ е соодветна за мене – четнички политичар, кој бидува убиен од својот сопствен офицер – четник… навистина цинично од маршалот, по сè што сторив за интернационалната левица. Сите други странски артисти беа партизани, херои, страдалници за слободата.
О. К.: – Можеби маршалот сака да разбуди некој дел од тебе. Види се, и покрај сите твои конфликти и авантури, ти, сепак, остануваш еден салонски буржуј – мачо-интелектуалец, со голема уста и… – мадам Кодар тука нагло запре.
О. В.: – Само напред, бејби! И без јајца, тоа сакаше да кажеш!
О. К.: – Сакав да кажам, дека ниедна револуција не се случила во англосаксонскиот свет. Имало буни и заговори, но никогаш револуционерен преврат по волја на народните маси! За тоа се виновни вашите конфорни салони!
О. В.: – А тоа што маршалот нарече една дива свиња во неговата зоолошка градина – Орсон, како ти звучи тоа?!
О.К.: – Porcus Singularis, тоа е вепар, мој Орсоне Велсу! Со тоа маршалот сакаше да ти изрази најдлабоко почитување! Вепарот е симбол на сексуална сила во нашите краишта!
О. В.: – Ах, конечно, мала утеха. Дојди ваму, ти занесна потомко на неандерталците! – Оља Кодар се насмеа и онака гола му седна на колено.
О. К.: – И на крајот, не е битно кој си и каква ти е биографијата. Битно е да се чувствуваш добро! А јас сум тука да ти го овозможам тоа.
О. В.: – Без оглед на директивите од маршалот?
О. К.:- Биди разумен Орсоне, за два дена снимање собра повеќе, отколку за последните пет твои филма. Тоа е миразот од маршалот.
О. В.: – Ах, сега сфатив! Иако сè уште му завидувам на Јул Бринер за улогата на командантот Владо.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.