| четврток, 6 декември 2018 |

Ивица Јосифовиќ: Огласот на Владата – можност за сите неискористени квалитетни кадри

Аналитичарот Ивица Јосифовиќ на гостување на вестите на „Канал 5“ ја анализираше политиката на Владата за вработување, со посебен осврт на новиот оглас за вработување на 379 лица за раководни позиции во државната управа и за членови во управните и во надзорните одбори.

– Владата почна да го спроведува во практика она што го правеше и претходно, а што го потенцираше изминативе месеци особено за време на изборната кампања, односно дека политиката на вработување ќе биде меѓу главните точки за раст и развој на економијата. Се работи за оглас што бара сите заинтересирани во рамки на своите теоретски, стручни или практични знаења да конкурираат за високи раководни функции – изјави Јосифовиќ.

Она што е добро, како што истакна тој, е тоа што е прецизирано дека ќе има еднаков пристап и третман за сите кандидати, и тоа дека целиот конкурс ќе биде спроведен транспарентно.

– Тоа може да се види и од самата изјава на портпаролот, дека нема да дозволат никакви притисоци, ниту, пак, заштита кон одреден број заинтересирани кандидати. А, со тоа ќе може државата да увиди со каков кадар располага за да може ваквиот начин на вработување да се применува и во иднина, бидејќи се работи за позиции кои со себе носат одредена политичка тежина и одредена одговорност – подвлече тој.

Една од заложбите, потсети Јосифовиќ, за членството на Македонија во Европската унија се реформите во јавната администрација, па истакна дека ваквиот пристап кон граѓаните дава можност јавната и државната администрација да се тргнат од „канџите“ на политиката.

– Кога администрацијата се вработува на отворени конкурси, кога секој слободен граѓанин може да конкурира во рамки на своите познавања, во тој случај начинот на кој Владата ја спроведува оваа политика на вработување води кон тоа на подолг рок да имаме ослободување на политичката спрега дека јвната администрација е политизирана – заклучи Јосифовиќ.

Најголемиот владин оглас за вработување досега им дава шанса на најквалитетните и ги мотивира младите луѓе, сметаат експертите. Партиската книшка и фамилијарните врски повеќе не се услов за влез во државните институции.

– Политиката на отворени врати дозволува секој македонски граѓанин да се чувствува како дома во сопствената држава и да ја доживува македонската влада како своја блиска, а не како привилегија на одреден број луѓе кои по некои фамилијарни врски успеале да застанат на државна позиција. Огласот отвора простор за сите неикористени кадри во државата кои имаат квалитет и визија да ѝ го дадат на Македонија најдоброто од себе – рече проф. д-р Иванка Додовска.

На двата огласи се бараат амбасадори, директори, државни секретари, воени атешеа, членови на управни и надзорни одбори во држани и јавни претпријатија. Ќе се пополнуваат и раководните позиции на ЕЛЕМ и МЕПСО. Квалитетот, образованието и искуството ќе бидат главни услови за влез.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top