Германската канцеларка Ангела Меркел изјави дека Германија сака да соработува со Македонија и ќе ја радува доколку во наредниве месеци дојде до решение на проблемот со името.
– Ние сакаме со Македонија разумно да соработуваме и секако ќе ме радува доколку во наредниве месеци дојде до решение на проблемот со името. Тоа е нешто во што не успеавме. Тоа не зависи само од Македонија, но зависи и од – Македонија – одговори Меркел на вчерашната заедничка прес-конференција со српскиот премиер Александар Вучиќ во Берлин на прашање на „Дојче веле“ какви се нејзините очекувања од новата македонска влада.
Меркел потврди дека на 28 август Берлин ќе биде домаќин на конференцијата на земјите од Западен Балкан.
– Очекувањата од конференцијата се дека со неа ќе придонесеме прво подобро да се запознаеме, зашто и ние во Германија не знаеме сѐ за проблемите на земјите од регионот. Второ, да се засили соработката во регионот, особено кога станува збор за прекугранични проекти. И секако со неа (конференцијата н.з.) да се придонесе во доближувањето на целиот регион кон Европската унија. Нашата претстава е секоја година друга членка на Унијата да организира ваква конференција. За идната година е договорено тоа да го направи Австрија. Значи ќе има и конференција која ќе следува – изјави Ангела Меркел.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



