Криминалот околу трговскиот центар „Глобал“ поради кој Зоран Заев беше обвинет, а подоцна и аболициран од експретседателот Бранко Црвенковски е само една од деловните релации на лидерот на СДСМ со луѓето што директно се инволвирани во струмичките законски заобиколувања.
Случајот „Глобал“ не е само пример за кршење на законот, туку и директна злоупотреба на политичката позиција при остварување деловни интереси, при што обвинетите се амнестираат со политички акт, нешто што е невообичаено дури и за најсиромашните африкански држави.
Во која било друга земја „Глобал“ немаше шанси да стане трговски центар, кој преку статус на илегална дивоградба на узурпирано државно и приватно земјиште, кое требало да биде вратено на сопствениците преку денационализација, на крајот да биде легален објект.
Инаку, газдите на „Глобал“ се истите луѓе чии фирми се блископоврзани со роднини на струмичкиот градоначалник и лидер на СДСМ, Зоран Заев, а кои редовно добивале и тендери од Општината.
Горан Крстев и Бранко Стамболиски не се нови луѓе во македонската јавност. Горан Крстев, освен тоа што го доби и „Глобал“, од Општина Струмица добил и 11 други тендери со милионска вредност, обвинуваа од владејачката партија.
Зоран Заев на семејната фирма на својот личен пријател и деловен партнер на фамилијата Заеви, Горан Крстев, ѝ обезбедил јавни набавки во вкупна вредност од над 1 милион и 600 илјади евра. Од нив, 8 се склучени директно со Општина Струмица со која раководи токму Зоран Заев со вредност од 83.322.641 денари, додека, пак, останатите 3 се склучени со Јавното претпријатие „Комуналец“ – Струмица во вредност од 18.031.815 денари.
Сите овие пари ѝ биле доделени на фирмата „Јавор Шпед Дооел“ преку 11 тендери, во време кога и Горан Крстев и таткото Симеон Крстев биле сопственици на оваа фирма.
Горан Крстев е деловен партнер со Вице Заев и семејството Заеви преку фирмата „Сара Јавор Инженеринг“. Инаку, Горан Крстев беше во средиштето на аферата кога се откри дека Зоран Заев токму на овој човек му продал земјиште по цена од едно евро за м2 а овој истото го препродал по 4 пати повисока цена.
Исто така, Горан Крстев е и човекот за чија фирма беше објавено дека портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов, како претседател на второстепената комисија за јавни набавки во Владата во времето на СДСМ, одлучил голем тендер да добие токму неговата втора фирма, „Јавор Шпед“.
Во мрежата на Заев се испреплетуваат и други бизнис интереси. Мрежата на „Глобал“ ја надополнува праксата на Заев општина Струмица да доделува тендери на нему блиски бизнис пријатели. Па така, претходно беше објавено во медиумите дека во мозаикот за испумпување на пари од општината преку тендери се најдоа и семејната фирма на пратеничката Цветанка Иванова кој има добиено 48 јавни набавки со вкупна вредност од 20.111.810 денари од Општина Струмица и нејзините институции.
Фирмата на таткото и чичкото на лидерот на СДСМ го добиле тендерот за набавка на прехрамбени производи и средства за хигиена. За јавните набавки, како што тврди власта, фамилијата Заеви добила повеќе од 3 милиони денари. И снаата на Заев добила тендер во Струмица.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


