Претпоследната вечер на „Оф-фест“ (4 јуни) e резервирана за популарниот словенечки пејач и кантавтор Зоран Предин, придружен од извонредниот хрватски џипси-свинг состав „Дамир Кукурузовиќ џанго груп“ (DAMIR KUKURUZOVIC DJANGO GROUP).
Во својата долга и плодна кариера, Предин има објавено 34 албуми од различни музички жанрови, од рок преку поп и етномузика, па сѐ до т.н. џипси-свинг. Компонирал музика за театар, филм и за ТВ-серии. Автор е на четири збирки текстови и на џебната книга „Втора жена во харемот“. Дамир Кукурузовиќ, пак, е еден од најдобрите европски џипси-џез гитаристи, а воедно и голем негувач на богатото музичко наследство на Џанго Рајнхард. Неговиот музички интерес е фокусиран на гитарата и на големата љубов кон џезот. Зоран и Дамир создадоа исклучителна возбудлива концертна програма што опфаќа неколку заеднички авторски композиции, потоа џипси-свинг стандарди, како и пресек на најголемите хитови на Предин.
Истиот ден настапуваат маестралните јужнокорејските инструменталисти и модерни традиционалисти „Геомунго фактори“ (Geomungo factory).
Четворицата исклучително вешти млади корејски музичари се обединети под мотото: развој на традиционални елементи со континуирана иновација. Нивниот елемент е геомунго, традиционален корејски жичен инструмент со шеснаесет прагови, три подвижни моста и четири цврсти жици од свила на кој се свири со кусо бамбусово стапче, а звукот што го произведува е длабок и моќен, како ритмички, така и мелодиски. Корените на оваа музика можат да се најдат во 4 век, но во рацете на „Геомунго фактори“, наеднаш извираат во 21 век, со хармониски „разговори“ и оригинални неискусени ритмички резонанции, како и со звуци присвоени од современиот свет.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.