На ОФФест вечер во МКЦ настапуваат португалската фадо уметница Лула Пена и кантавторката Хинди Зара од Мароко.
Длабокиот и остар, истовремено чувствителен вокал, природниот спој на фадо-корените со боите на португалската фолк-музика, француската шансона, традиционалната морна, бразилската боса нова и артикулираната изведба на гитара, се карактеристиките на големиот музички талент на Лула Пена која пред скопската публика ќе го претстави својот нов репертоар.
Лула Пена е родена во Лисабон. Нејзиниот прв албум „Phados“, објавен во 1998 година и носи светски признанија, а вториот албум „Тroubadour“ снимен по пауза од 12 години, претставува музичка збирка на приказни за страста и за болката, премостувајќи жанрови и отсликувајќи го личното патување на извонредната португалска музичарка и поетеса.
Хинди Зара по потекло Мароканка, денес живее во Париз. Многумина ја сметаат за постмодерна Били Холидеј. Растела со разновидни музички жанрови – од рок и реге до традиционалната музика на Берберите. По доаѓањето во Франција во деведесеттите години, Зара ја започнува својата кариера како вокалистка во составот на пејачот Сплин и гитаристот Хју Колтман, паралелно пишувајќи и сопствени песни и текстови. Во 2007 година го има концертното деби како соло-изведувач. Нејзиниот прв албум „Handmade“, издаден во 2010 година за „Blue Note Records“, заедно со синглот „Beautiful Tango“, стана бестселер.
На „Офф-фест“ Хинди Зара ќе го промовира новиот албум „Homeland“, објавен во април годинава. Во 2014 година Зара имаше улоги во филмовите „The Narrow Frame of Midnight“ на Тара Хадид и во „The Cut“ на Фатих Акин.
Утре вечерта на ОФФест е резервирана за македонската етно-ризница која ќе биде претставена од „Чалгија саунд систем“, а на 1 јуни фестивалот завршува со светската музичка сензација – виртуозните музички бунтовници „Тинаривен“, откако претходно публиката ќе има можност да го види документарецот „Последната песна пред војната“ (Тhe Last Song Before the War).
Фестивалот почна во четвртокот вечер со концертите на пост-рок составот „Jambinai“ од Јужна Кореа и на Басеку Кујате, мајсторот на традиционалниот инструмент „нгони“, и неговиот еклектичен состав „Нгони Ба“. Синоќа публиката уживаше во музиката на легендарниот блуз-гитаристот Бубакар Траоре од Мали пред чиј концерт беше прикажан документарниот филм „Ќе пејам за тебе” на режисерот Жак Сарасин.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.