Најголемата ѕвезда на португалското фадо, Кармињо, со концертот вечерва ќе го означи крајот на овогодинешниот, 13 „Оф-фест“. Покрај неа, гледачите на „Оф-фест“ денот ќе го завршат и со шпанската фламенго-атракција „Лас Мигас“.
Kармињо се смета за најблескавата нова ѕвезда на фадо-музиката. По завршувањето на универзитетското образование и патувањето околу светот, тогашната 25-годишна девојка ќе сфати дека изведбата на страсниот „португалски блуз“ е нејзиниот вистински животен повик. Нејзиниот прв студиски проект „Фадо“ од страна на списанието „Сонглинес“ ќе биде прогласен за најдобар албум во 2011 година, по што Кармињо настапува на многубројни концерти низ светот. Родена е во Лисабон како Марија до Кармо Карваљо Ребело де Андраде, потекнува од музичко семејство, а нејзината мајка Тереза Сигера е позната фадо-пејачка. Нејзиниот последен албум „Алма“ (на португалски „душа“) излезе во 2012 година и портретира жена чиј дух и талент постојано растат и се развиваат.
Женскиот квартет „Лас Мигас“ од Шпанија го сочинуваат: Алба, Алисија, Росер и Марта, кои доаѓаат од четири града – Барселона, Кордоба, Љеида и Севилја. Четири визии и една страст – фламенко. Сите овие елементи се вкстуваат во една единствена точка – Барселона. Свирејќи заедно, четирите европски музичарки создаваат експлозија на чист, бунтовнички и уникатен звук: тоа е музичкиот израз на „Лас Мигас“
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.