„Последната пролет во Париз“, е третиот роман на авторката на бестселерите „Рингишпил“ и „Писмото на госпоѓа Вилма“ Јелена Бачиќ – Алимпиќ, е приказна за судбината на емигрантите од Русија, верноста кон идеолошките вредности, за тоа каде е границата на вистината и како да се пронајде храброст за да ја прифатиме и да се осознаеме себеси.
Таа денеска во Скопје го промовирше романот, а вечерва од 19 до 20 часот, во продажниот салон на „Клуб Матица“ кој го издаде романот, ќе се дружи со своите обожаватели.
Авторката ќе потпишува примероци од својот роман и утревечер, за време на отварањето на ребрендираниот продажен салон на “Булеварот на книгите.”
– „Последната пролет во Париз“ е мојот најзрел роман. На него работев и собирав материјали околу две години. За разлика од „Рингишпил“ и „Писмото на госпоѓа Вилма“, овој роман се разликува по неговата жанровската определба – вели Бачиќ- Алимпиќ.
Писателката смета дека заедничка нишка во сите нејзини романи, е стилот.
– Не сум постмодернистичка писателка и не можам така да се наречам. Во моите романи нема да најдете спонзорџики, силикони, дрога и сл. Јас сум лирска писателка и тоа е мојот сензибилитет. Се занимавам со убава книжевност и животот го претворам во роман – вели српската писателка.
Дејан Павлевски од „Матица“ вели дека српската авторка, со чувство на префинетост, вешто го гради дејството на приказната во романот.
– Таа секогаш во книгите пронаоѓа нешто лично и тешко се дистанцира од биографските моменти. Таа ги претставува сопствените гледишта за љубовта, животот, спомените, но нема слаби и безживотни јунаци- рече Павлевски.
Бачиќ- Алимпиќ по 27 години работа како новинар и водител, даде отказ од телевизија, а „Пинк“ беше последниот медиум каде што таа работеше во последните години.
Таа е професорка по книжевност. Моментално има статус на слободна писателка. Нејзината умешност ја покажа во романите „Рингишпил“ и „Писмото на госпоѓа Вилма“- бестселери што буквално го освоија Балканот. Романот „Рингишпил“ беше најчитана книга во Македонија во 2011 година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.