| четврток, 6 декември 2018 |

Трпението не боли

galijana-184x168

Колумнист:
Будимка Поповска
(сестра Макрина)

Што е трпение?

Трпение е кога чекаш автобус 40 минути. Го чекаш бројот 45. Во себе си велиш – ако не дојде уште пет минути, ќе одам со 50.

Трпение е нештото што го губиш кога станува густо. Тогаш си велиш – О, па јас сум бил трпелив! Сум се изначекал за џабе.

Трпение е нешто што се вежба со качување во планина. Бидејќи е тренд да „се нема време за ништо“, треба да станеш два часа порано од другите, за да го добиеш потребното време барем за до средина на планината.

Проблемот со станувањето порано од др е што тогаш суетата ќе ти напика во главата дека си подобар од другите, а од тоа нема спас. Можеби и не треба да има, но затоа сам ќе си се качуваш и сам ќе си се симнуваш

(…ако живееш во град како Скопје, од полициската станица до средно Водно ти требаат 35 минути лесно одење. И најдолгиот пат започнува со еден чекор, со првиот. Најмногу трпение ти треба за да стасаш до подножјето. Осбено ако планината се наоѓа на јужната страна од градот, а ти живееш на планината од спротивната страна, да речеме Скопска црна гора…)

На трендот на немање време се надоврзува жичарата. Тоа е лезетско решение за гледање на нештата од високо без непотребното чувство на вина. Да видиш како им е на птиците.

Трпението најдобро се вежба кога играш криенка. Миженка може и со отворени очи, и тоа широко отворени: со некој што многу го сакаш. Се криеш едно пет-шест години, пардон векови, и на крај добиваш улога во филмот Интервју со вампирот. Стануваш одличен глумец, како Том Круз. Зошто би го правел тоа? Од чисто аскетски причини. Инаку, љубовта ќе стане тривијална родителска приказна за ‘измиј ги рацете‘ и ‘не легнувај со кондури во кревет‘.

Трпението најмногу користи кога ќе умреш. Ако си научил нешто во претходниот живот, ќе знаеш дека стравот е само замка што ти ги врзува нозете додека ја преминуваш пругата, а кон тебе доаѓа воз. Будењето е единствениот начин да се живее со смисла. И без тоа сè е само светлина.

Една интересна приказна што се случува во 42 г. од нашата ера. Во времето на императорот Клаудиј. Да, тој , „Јас, Клаудиј“. Во писмата на Плиниј се споменува извесен Сесина Пет, којшто бил осуден на смрт бидејќи учествувал во завера против императорот. Пет немал храброст да се убие самиот, и кога неговата жена го видела тоа, се прободела себеси со еден бодеж и подавајќи му го, рекла: Пете, не боли. По неа, се убил и Пет.

Ете тоа е љубов. Храброст да се смени тоа што не може да се истрпи. И трпение да се поднесува тоа што не може да се смени. Ако кон ова замешателство ја додадеме мудроста што умее да направи разлика, да го погоди мигот и да пресече, тоа е тоа. Инаку, баба му на Трпе го чекаше својот сопруг да се врати од Америка точно 37 години, два месеци и четири дена. Четвртиот ден стаса писмо дека дедото се преженил уште втората година. Живот.

Трпеливиот знае многу лесно да го изнервира оној што сака сè набрзина. Брза храна. Брза добивка. Слично е и со брзата кучка – единствената полза од нејзината брзина е што навреме ќе ја сфати глупоста на брзањето и ќе ја успори снимката на животот. Потоа, со малку трпение на слепите кучиња ќе им се врати видот.

Трпението е добар пријател ако сакаш да имаш долг и среќен живот. Затоа размисли што сакаш. Со добра мисла и малку трпение неможното го остава своето оружје пред вратата на твоето срце и се предава.

Еве како тоа го опишал еден од најголемите уметници кога било. Чарли Чаплин.

„Кога навистина почнав да се сакам себеси, престанав самиот од себе да си го крадам своето време, и престанав да правам грандиозни проекти за иднината. Денес го правам само она што ми носи радост и среќа. Правам работи што сакам да ги правам и што го веселат моето срце. Го правам тоа на сопствена сметка и во мој личен ритам. Денес знам дека тоа се вика Едноставност“.

Трпеливиот никогаш не брза. Тој знае дека ќе стаса на време, бидејќи неговите планови се сведуваат на една единствена работа којашто се вика: љубов.
Трпението е моќ. Со време и трпение и листот од дудинката се претвора во свила. Умниот опортунист со кисела насмевка ќе ве потсети на патот на свилата. Но, тоа е.

Луѓето ја бараат љубовта, среќата и мирот во надворешниот свет. Во другите луѓе, во работата, во предметите и врзувањето со нив. Забораваат дека внатре во себе, во скриеното внатрешно царство го имаат сето тоа и многу, многу повеќе. Во изобилие. Единствениот напор што човекот треба да го вложи е да го пронајде патот до скриеното азно. Патот со големо „П“, оној по кој поретко се оди (Скот Пек).

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top