| четврток, 6 декември 2018 |

Бибер: Грција не е подготвена на компромис за името

бибер 2

За натамошното проширување на Европската Унија постојат два проблема. Едниот е опаднатото расположение за тој процес во Унијата, а вториот е немањето начини за решавање на билатерланите спорови. Ова во интервју за Радио Слободна Европа го вели Флоријан Бибер, директор на Центарот за европски студии на Универзитетот во Грац, кој не верува дека Грција е во состојба да направи отстапка.

За надминување на првиот проблем, односно тоа што земјите членки на ЕУ сега не се расположени за проширување, Флоријан Бибер вели дека е оптимист, бидејќи еден ден економската криза ќе мине и тогаш ќе има поинаква атмосфера. Тој прецизира дека вториот проблем е во тоа што Европската Унија се уште не најде начин како да го реши проблемот меѓу Србија и Косово, како и проблемот со Македонија.

– Кога станува збор за Македонија, за да се дојде до преговори е потребен компромис, но не гледам дека Грција сега е во состојба да направи таков исчекор, особено не со премиер кој во голема мера е одговорен за спорот пред дваесет години. Во економска криза националистите ги добиваат изборите, така што Грција не е подготвена да прави компромиси – вели Бибер.

Тој додава дека во контекст на економската криза во ЕУ е евидентна тенденцијата за опаѓање на солидарноста внатре во Унијата што и влијае врз процесот на проширувањето. Тоа, според него, се изразува така што многу земји, особено соседи на Западен Балкан, го користат тој процес за да инсистираат на своите инетереси.

Гледаме како Грција ја забавува Македонија, а имавме конфликт и меѓу Словенија и Хрватска, па дури и Романија и Србија. Гледаме процес на злоупотреба на моќта на една членка на Унијата спрема земја која тоа не е, при што нема рамнотежа.

Тоа, како што наведува Бибер, не е легитимно водење политика и оди на штета на земјата која ја злоупотребува својата позиција.

-Таа држава може да го користи своето членство против земја која не е членка, но мислам дека губи многу легитимитет внатре во Унијата –  вели тој.

Грција тоа постојано го правеше и мислам дека загуби многу легитимитет во ЕУ. Таа тоа го користи и натаму, но тоа е само краткорочно успешно, додека долгорочно, тоа може да води до перцепција дека таа земја е егоистична и оти не го гледа заедничкиот интерес.

Затоа, како што вели Флоријан Бибер во интервјуто за Радио Слободна Европа, земјите не треба да бидат оценувани врз основа на нивните билатерални спорови, туку врз база на целокупниот процес на нивните реформи.

– Го гледаме тоа и во извештајот на Европската комисија, имено дека билатералниот спор со Грција не би требало да биде дел од процесот за проширување и оти Македонија веќе би требало да ги почне пристапните преговори со ЕУ. Значи тоа е лош пример кој ни зборува дека треба да бидеме загрижени и во поглед на другите билатерални спорови во Западен Балкан – додава Бибер.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top