Корисници на социјална помош, граѓани кои поради семејна несреќа не можат да си ги платат долговите и лица кои подолго од 12 месеци се невработени и активно бараат работа. Ова се социјално – ранливите категории кои ќе бидат опфатени со еднократниот отпис на долговите. За реализација на проектот кој ВМРО-ДПМНЕ, партијата победничка на предвремените парламентарни избори, го најави во својата изборна програма, се чека на формирање на новата Влада, а според најавите, целиот проект би финиширал до септември. Се проценува дека со него ќе бидат опфатени десетици илјади сиромашни луѓе, анализира Лидер.
ВМРО-ДПМНЕ се обврза пред граѓаните, дека ако остане на власт, ќе им ги отпише долговите што ги имаат кон банките, но и долговите за струја, парно и радиодифузна такса. Мерката се однесува на долгови до 31.12.2013 година. Во делот на електричната енергија, правото на отпис се однесува на долгови кои не се подмирени повеќе од една година и кои се предмет на тужба. За достасаните обврски кои не се сервисирани во пократок рок од 12 месеци, ќе се бара од ЕВН да овозможи нивно повеќегодишно репрограмирање. Во делот на долговите кон банките, се работи за долгови настанати по основа на кредитни картички, потрошувачки кредити и минусни салда на тековна, а кои не се платени повеќе од една година и не се обезбедени со движен или недвижен имот.
– Добро е тоа. Мислам дека ќе им се помогне на луѓето кои се во тешка ситуација-
– Со тоа ќе им се излезе во пресрет на луѓето кои едвај врзуваат крај со крај – велат граѓаните.
Но, за на некој невработен да му бидат отпишани долговите, треба да бидат исполнети неколку услови. Имено, лицето треба повеќе од една година да е евидентирано како невработено во Агенцијата за вработување, ако се работи за сопружници треба двајцата да се евидентирани како невработени, во претходната година да не е остварен кумулативен приход од над 105 илјади и 600 денари, но и лицето да не поседува друг стан, освен оној во кој живее.
Проектот ќе се реализира на тој начин што, државата ќе ги ослободи ЕВН, банките и другите економски субјекти од плаќање данок во една или неколку години, зависно од износот на долговите, а тие ќе им ги отпишат долговите на социјално загрозените граѓани. Отписот од страна на економските субјекти ќе се врши на доброволна основа.
Според пресметките, овој проект би повлекол околу 12 милиони евра од државната каса, односно по околу 4 милиони евра годишно.
– Кризата остави тешки последици во сите земји, вклучително и во Република Македонија. Иако ние подобро се справивме со кризата од други земји, последиците врз фирмите и граѓаните не можеа целосно да се избегнат. Кај граѓаните тоа е најмногу изразено преку неможност навремено да ги плаќаат достасаните обврски, што предизвика пораст на бројот на граѓани со долгови. Од тие причини, а со цел да им помогнеме на најранливите категории, се решивме за оваа конкретна и многу значајна мерка – објасни премиерот Груевски.
Граѓаните ќе куртулат од извршителите
Со проектот за еднократен отпис на долгови, најсиромашните категории граѓани ќе куртулат од извршителите, барем во одреден временски период. Според податоците на Комората на извршители, лани биле наплатени 127 милиони евра. Во нивното осумгодишно постоење, ова е највисоката сума собрана досега. Иако бројот на предмети бил помал, споредено со претходата година, пораст од 8 проценти е регистриран кај наплатата, која достигнала 34 отсто. Најголем дел од предметите (речиси 99 илјади) биле во вредност од 100 до 11.000 евра, нешто над 70 илјади предмети биле со вредност до 100 евра, додека речиси 3.000 предмети се движеле на сума од 11 до 200 илјади евра. Вообичаено, најмногу работа имало за извршителите од Скопје.
На физичките лица, најчесто им се блокираат сметките или им се задржува платата, но долгот се наплатува и преку заплена на движни предмети. Последниов е многу поскап начин на реализација, бидејќи значително ја отежнува наплатата. За начинот на наплата одлучува самиот извршител, но и доверителот кој ја бара неговата услуга може да предложи, која од мерките ќе се спроведе. Начинот на кој функционираат извршителите често е причина за револт кај граѓаните. Револтот е насочен кон извршителите, иако тие само ја спроведуваат одлуката за наплата.
Повисока социјална помош за подобар стандард
Социјално ранливите категории почнаа да добиваат повисоки примања. Во рок од 8 години, социјалната помош е зголемена за околу 47 отсто, од 2.900 на 4.300 денари. Сличен раст е нотиран и кај постојаната парична помош, односно помошта што ја добиваат болните и неспособните за работа. Во 2006-та добивале 3.700 денари, додека годинава 5.392 денари. Според најавите, социјалната помош секоја година ќе се зголемува за 5 проценти.
Според универзитетскиот професор Томе Неновски, зголемувањето на пензиите и социјалната помош ќе ја поттикне потрошувачката.
– Навидум, зголемување од 600 денари по пензионер не е големо, но ако се земе вкупно, се работи за голема сума пари која ќе се влее во процесот на потрошувачка, особено кај оние производи коишто се за широка потрошувачка, што ќе предизвика зголемена вкупна побарувачка, ќе резултира со зголемено производство на тие производи, а во крајна линија ќе резултира со придвижување на БДП – објаснува професорот Неновски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.