| четврток, 6 декември 2018 |

Стопанска комора: Тутунарите да го почитуваат договорот за намалување на производството

tutun 2

Тутунарите да се држат до договореното производство од 26.000 тони за реколтата 2014/2015. Во спротивно, се што е вишок ќе остане неоткупено, порачуваат од Стопанската комора на Македонија.
Како што беше речено денеска на прес-конференција, тутунското производството во земјава не е загрозено, но можни се негативни импликации со оглед на состојбата во соседството, особено Бугарија, Турција и Грција, кои бележат значително зголемен род.
И Македонија годинава оствари рекорден принос на тутун од вкупно 32.000 тони. Имаше 20.000 хектари насад, а беа склучени 43.000 договори за откуп. – Сметаме дека пропорционалното намалување на површините под тутун за 20 проценти што беше договорено во Министерството за земјоделство, ќе се проектира и на терен. Оштетени нема да има зашто сите производители ќе партиципираат во редукцијата зависно од големината на површините – истакна Васко Ристовски од Комората.
Според него, Македонија треба да размислува не само да го врати производството на оптималното ниво, туку и да го зголеми. Во оваа насока се предвидени повеќе активности.Една од нив е претстојната меѓународна манифестација за дегустација на тутун и преработки закажана за почетокот на идниот месец во Охрид.
– Ова ќе биде одлична можност за промоција на нашиот ориентален тутун кој е со врвен квалитет, негова интернационализација, наоѓање нови партнери со цел освојување нови пазари и зголемување на извозот – посочи Ристовски.
Во рамки на манифестацијата, 23 дегустатори од земјава и странство анонимно ќе ги пробуваат примероците тутун. Ќе се доделуваат награди, а организаторите размислуваат и за воведување избор на најдобар тутунар како вид стимулација на производителите.
Најголеми побарувачи на македонски ориенатлен тутун се Белгија, Бугарија, Германија, САД, а на тутунски производи БиХ и Србија.
Извозот годинава достигна 26.000 тони тутун од што се реализирани 120 милиони евра, 3.000 тони тутунски производи или 20 милиони евра.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top