| четврток, 6 декември 2018 |

ТАМ ТАМ ХААРП

galijana-184x168

Колумнист:
Будимка Поповска
(сестра Макрина)

Како се чувствуваат луѓето што умеат да ги предвидат катастрофите? Во денешно време таа улога сѐ повеќе им припаѓа на метеоролошките станици. Со 99-процентна точност, тие успеваат да ја декодираат иднината преку сателитските снимки добиени од вселената.

Минатата година, кога беснееја пожарите во Австралија, се раскажуваше дека градоначалникот на еден од поголемите градови организирал масовна заедничка молитва на целото граѓанство со цел да се предизвика дожд. Успешно. Ете како, со помош на малку добра магија може да се замени пожарникарската служба.

За Индијанците тоа не е ништо ново и необично. Призив на дожд во време на суша е техника што лесно се учи кога долго време живееш во пустина. Камилите знаат да преживеат со една капка од скапоцената течност дванаесет дена. Исто и кактусите. Евреите од нив го прекопираа системот капка по капка.

Што е поголем проблем – да се има или да се нема вода?

И во тој контекст, една, безмалку, хамлетовска дилема: Бог или ХААРП???

Прашањево не е од сега, туку од многу, многу одамна, уште од времето на пирамидите. И за пирамидите велат дека не биле обични гробници, туку еден вид климатизери и јонизатори. Кеопс и сличните на него ги користеле како козметички салони.

Во колективното несвесно дури имаме и архетип за ваквите случаи – ништо вие не грижете се, целата оваа наезда од водород и кислород во енормни количини е обична божја казна. Ако се случи во место каде што општествата не знаат за бог на каков што сме навикнати во монотеизмот или за системот на условување со казни и со награди, на пример во некоја амазонска прашума, не е важно. Може да му се преведе на локалното население на неговиот убунту јазик, дека по дождот доаѓа сонце, а патем да им се стават и вакцини на овците. Ако се провлече и некој вирус, честат Обединетите нации.

Во библиско време, Ное фати штрафта со време. Не чекаше државата да го евакуира. Го натовари на бродот семејството плус по еден примерок од флората и фауната, се разбира.
Иако ЦИА и официјално призна дека ги користеле вакцините како параван за своите операции, мошне е веројатно дека вакцинираните се добро вклопени во системот, научени да не прават непотребни движења и тешко дека нешто ќе им заѕвони.

Што би било ХААРП во средниот век или во времето на свети Ѓорѓи? Аждер?

Дали аждерот доволно ги покажа своите перформанси во Фукушима, Њу Орлеанс, Филипини или треба уште спектакли? И што ако е така?

Несаканите нус-појави од типот на зомби-граѓанство никој не ги есапи. Наеднаш луѓето го губат разумот и во миг на помрачена свест крадат или убиваат за еден велосипед.

Потоа, не можеш да поднесеш обвинение против полната месечина или против јоносферата. Кого да го судиш? Емерсон? Херц? Тесла? Премногу е апстрактно. Нема случај. Но, има премногу коинциденции.

Ѓаволот одамна ја однесе апстракцијата, а во замена ни ја остави оваа несолена шега за безжичниот пренос на информации, што ќе рече, и таму каде што нема антена, можеш да прислушуваш, до мила волја. Да го оставиме на страна прашањето – има ли што да се чуе?

Со исклучок на Асанж и неговите фанови, на кого до бога му значат оној куп незадолжителни и во поголемиот дел неврзани разговори на Земјаните?

Се пријавил ли некој како сопственик на планетава?

Ако има нешто како космички катастар и ако се обидете да извадите имотен лист, немојте воопшто да се изненадите ако човечката раса не фигурира на листот.

Исто така, нека не ве чуди што обичните смртници немаат пристап до катастарот. Тие што ја поседуваат планетава, ја поседуваат во пакет со населението.

Параноја? Теории на заговор? Или само елементарно сведоштво на секојдневието во кое лудите и збунетите играат шах со своите сопствени клонови…?

Сепак, не е сè така црно.

Природни процеси си се природни процеси, а човечката активност си е човечка активност. Но, зар човекот не е во датотеката на природата?

Или сè заедно е еден голем, огромен експеримент кој со милиони години (човечко време) се одвива во нашата галаксија? Тоа значи дека додека ѕвездите трепкаат, ни тие самите не знаат дали при следното трепнување ќе избие некаква експлозија, со кои размери, каде и како…

Или тајни научни проекти?

Денес е во мода ЕКОТЕРОРИЗАМ.

Тоа е кога со помош на електромагнетни бранови правиш вештачка ерупција, вештачки ураган или вештачка вилица.

Со помош на ХААРП се манипулира со климатските услови.

Програмирана клима. Ако притиснеш на копчето на кое пишува „врне“, и тастатурата рикне, и копчето се заглави. И некаде од жичките почнува да тече. Може да заврнат жаби, риби, скакулци, во зависност од моделот на тастатурата.

Вајфај-поплави. Ништо полесно од тоа да повикаш дожд врз нивата на соседот кој ти оди на нерви. Дури и не мора да ти оди на нерви. Едноставно моја планетичка, моја слободичка. Моја лабораториичка.

Дали има причинско-последична поврзаност меѓу пуштањето во погон на овој систем од антени (инсталираниот ХААРП во 2008/9 г.) во местото Бараево, на педесетина километри од Белград и поплавите што речиси до вчера дивееја низ овој дел од Балканот? Температурните варијации се изедначуваат со тие од африканскиот континент.

И дали навистина тогашниот претседател на Југославија во 1989 година одбил во Србија да биде инсталиран системот на антени?

Ако е така, кој ја сноси одговорноста? И без тоа, системот на казна и на награда на овие простори е заменет со транзициската формула – дај што ќе дадеш, лапај и бегај… макар и една антена, важно да е донација…

Климатски промени или моќно оружје?

И најнакрај, зошто се вели дека несреќата ги зближува луѓето?

Тогаш среќата што им прави? Ги оддалечува едни од други!? Каков парадокс! Зависта е опасна емоција, ако ѝ се дозволи да фати корен, може да предизвика големи неволи.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top