Денеска, на Светскиот ден на културната разновидност, 21 мај, во Скопје се одржа завршниот дел од конференцијата „Културлог“ во организација на ЦИУ „Мултимедија“.
Начин да се направат позитивни промени или да се запрат декадентните (промени и иницијативи) не е конфронитирањето со властите туку партиципативноста, а културата е средството што може да донесе иновација во практикувањето и во менувањето на владината политика – нагласи Теодор Целакоски, координатор на иницијативата „Право на град“ од Загреб и добитник на годишната награда од Европската фондација за култура на конференцијата „Културлог“, во организација на Центарот за изведувачки уметности ЦИУ „Мултимедија“, која заврши денеска во Скопје.
Главниот настан, кој се одржуваше вчера во хотелот „Холидеј ин“, собра врвни интелектуалци, културолози и уметници од Балканот и од Европа, се случи спроти Светскиот ден на културната разновидност, 21 мај и го отвори прашањето колку културната политика на Балканот придонесуваат за афирмација на културната разновидност и интеркултурниот дијалог.
На конференцијата беа сумирани искуствата од спроведување на двегодишниот проект „Евалуација на културната политика и на програмите финансирани од ЕУ како промотори на културна разновидност и интеркултурен дијалог на Балканот“, кој ЦИУ „Мултимедија“ од Македонија го иницираше со партнерите: Австрискиот интернационален архив за културна анализа „Културдокументацион“ од Виена и „Акција“ од Сараево, а кој е помогнат од Програмата на ЕУ за култура 2007-2013 година, Министерството за култура на Република Македонија, Фондација Отворено општество – Македонија и Швајцарската програма за култура во Западен Балкан.
Експертот и аналитичар од Словенија, Весна Чопиќ, во рамки на дебатата за иднината на менаџирањето на разновидноста, односно интеркултурната соработка во Југоисточна Европа во пресрет на интеграцијата во ЕУ, потенцираше дека културната разновидност треба да ја заштити културата од процесот на глобализација, но, дека тука свое силно влијание има и долгиот процес на транзиција.
– Тоа, пак, придонесува приоритена грижа на културниот сектор да биде како да се заштити постоењето на културата, а не како да се демократизира. Имено, културата како да стана симболичен резервоар за некои други тенденции. Но, таа не е тула, не е супститут, уметноста си има свој идентитет – рече Чопиќ.
Во оваа насока холандскиот писател Крис Колеманс порача дека многу е важно уметноста што се продуцира да биде препознаена и признена дома, во самата држава, и забележана како таква, затоа што подоцна, при влез во ЕУ, постои опасност да биде обезличена и непрепознаена.
Дипломатскиот претставник на австриското Министерство за образование, уметност и култура, Готфрид Вагнер, нагласи дека тоа со што се соочуваме денеска е предизвикот, кој е поврзан со разновидноста на Европа како целина. Тој потсети на цитаат на бугарската научничка Марија Тодорова – „Издвојувањето на Балканот (од целината на Европа) не е невин акт“.
– Со тоа само ја продолжуваме приказната на исклученост, која се случува уште од почетокот на 20 век. Сите поминуваме низ тешки времиња, кои се одразуваат низ социјалната инклузија, културната разновидност и сиромаштијата. Не е само Западен Балкан тој што ги чувствува ефектите на ксенофобијата и исклученоста. Една од сличностите со Европа е и употребата на разновидноста како закана за државите. Другата сличност е употребата на културата во економска и социјална смисла. Има и разлики, а една од нив се однесува на минатото, и Македонија во таа насока треба да биде многу внимателна да не ја искористи преексплозивно – рече тој, нагласувајќи дека она за кое сонува е трансформација на ЕУ, што значи трансформација на капитализмот.
За предизвиците во владеењето со разновидноста, односно за социо-економската и политичката рамка на Балканот и прашањата за интеркултурниот дијалог во Македонија говореше Ѓунер Исмаил, политички аналитичар и публицист, и поранешен министер за култура. За него македонската култура ја има судбината на сите други мали култури, кои, колку и да се оригинални, имаат и проблеми што не може да ги совлада критичната маса на една мала култура.
– Доаѓаат од мало јазично подрачје и во нив, генерално, тешко може да се создадат паралелни линии на тоа што се нарекува вообичаен тек и на тоа што се нарекува алтернатива, која тешко заживува како контратежа на тоа што е „важна култура“. Култура, пак, во која не се исполнети овие елементи, не може да исполни друга, поважна задача, а тоа е да биде субверзивна. Малите култури, ако се под окупација, тешко воспоставуваат дури и внатрешен дијалог со себе, или тој дијалог е заменет со некој дијалог со праисторијата и тогаш би било илузорно да очекуваме во амбиент на мала окупирана или под популистички режим, култура, да се воспостави меѓукултурен дијалог или пак културата да ги облагородува односите меѓу заедниците или социјалните групи – смета Исмаил.
Извршната директорка на ЦИУ „Мултимедија“, Виолета Симјановска, кажа дека во македонската културна политика постојат паралелизми во јавната и реалната политика.
– На хартија постојат елементи на сериозни размисли за интеркултурен дијалог и културна разновидност, особено во Стратегијата 2013-2017 година, но, во реалноста имаме паралелен свет, нешто што не одговара на таа стратегија. Реалната политика покажува монотетничност, затвореност, нетранспарентност, невклучување на граѓаните во неопходни дискусии и дебати. Ова не се лични заклучоци, туку ставови како резултат на научно истражување, со оглед на тоа дека се правеа сериозни анализи на сите закони што постојат. Не постои експлицитна и кохерентна културна политика во Македонија, која се однесува на интеркултурниот дијалог и различност – вели Симјановска.
Претставникот на Министерството за култура, Борче Николовски, потенцираше дека Македонија има посебна канцеларија чиј фокус е интеркултурниот дијалог и културната разноликост и објасни дека се отворени за идеи за подобрување.
-Ние имаме сопствен поглед за културната разноликост во нашата земја и ЕУ треба да се отвори и да нè слушне и нас. Во идните ИПА-проекти ова треба да се земе предвид – рече Николовски.
Проектот, освен во Македонија, опфати сериозно истражување на инструментите на културните политики, и во Србија, Црна Гора, Хрватска и во Босна и Херцеговина. Во исто време беа анализирани и проекти од Европска унија, кои се однесуваат на интеркултурниот дијалог и разновидност.
Беше заклучено дека секоја земја носи различен контекст, и покрај тоа што имаме заедничко минато, и дека засега во однос на интеркултурниот дијалог најдобро стои Хрватска во поглед на усогласување на законодавството и нивно спорведување. Во однос на проектите што ја афирмираат културната различност, ситуацијата е покомпликувана во Босна, но и во Србија каде постои дистанца меѓу декларативните заложби и тие во практика.
Професорката Маја Мухиќ направи компаративна анализа на извештаите од земјите-учеснички во проектот. Таа нагласи и дека со соработката од повеќе страни, како НВО и универзитетите, ќе се надмине површноста:
– Наша алатка треба да биде вмрежувањето и стратегиските партнерства за промоција на интеркултурниот дијалог.
Двегодишниот проект резултираше и со сајтот www.kulturlogue.org каде е поставена база на податоци со голем број материјали од сите земји-учеснички, а кои се однесуваат на активности врзани за интекултурниот дијалог и културните разноликости.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Конференција за спа туризам и туристичка берза во Скопје
-
Делегација од Управата за заштита на културното наследство учествуваше на првиот Европски самит во Берлин
-
„МакеДокс“ организира Меѓународна конференција „Аудио‐визуелно образование ‐ иднина или сегашност“ во МКЦ
-
Експерти од регионот ќе дискутираат за проблемите во образованието на возрасни