| четврток, 6 декември 2018 |

Одложување или без публика, ќе се игра ли мечот меѓу Лирија и МЗТ Скопје?

Лирија и МЗТ Скопје вечерва од 19 часот треба да го играат вториот меч од полуфиналната плејоф-серија за титулата во домашното првенство, но поради зголемената тензија по вчерашното убиство на 18-годишното момче во населбата Ѓорче Петров, можно е мечот да биде одложен.

За денеска во 18 часот во населбата Ѓорче Петров е закажан протест по немилиот настан, во кој Ангел П. беше прободен со нож и почина. Убиецот е од Сарај, место во близина на Ѓорче Петров, од каде што е и кошаркарскиот клуб Лирија.

Лирија мечевите како домаќин ги игра во СРЦ „Кале“, а постои варијанта вториот дуел од плејоф-серијата вечерва да се игра без присуство на публика. Во финишот на регуларниот дел од Суперлигата на дуел меѓу овие два тима имаше тензична атмосфера, а навивачите на Лирија постојано ги навредуваа македонските репрезентативци Гечевски и Чековски.

Половина час подоцна во Гевгелија треба да почне и вториот натпревар од второто полуфинале меѓу Кожув и Работнички. По првите дуели МЗТ Скопје и Работнички имаат предност од 1-0.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top