Рускиот олигарх Дмитриј Риболовлев на својата поранешна сопруга ќе мора да ѝ плати 4,5 милијарди долари, реши судот во Женева, заклучувајќи го шестгодишниот бракоразводен спор.
Ваквото решение на швајцарскиот суд значи дека богатиот Русин на својата некогашна сопруга ќе мора да ѝ даде половина од неговото богатство. Риболовлев и неговата сопруга Елена беа во брак 23 години и имаат две ќерки за кои судот определи старател да биде нивната мајка.
Поранешната сопруга поведе бракоразведен спор уште во 2008 година, кој, откако таа не го доби она што го бараше, се претвори во тужба против некогашниот сопруг барајќи дел од заедничкиот имот.
По пресудата, адвокатот на Риболовлев изјави дека ќе вложи жалба, додека правниот застапник на поранешната сопруга, задоволен од решението на судот, рече дека станува збор за најголемата отштета што една разведена жена ја добила во правната историја.
Риболовлев е познат како „крал на вештачкото ѓубриво“ и на листата на најбогатите на амерканското списание „Форбс“ е рангиран на 79. место во светот, со лично богатство од 8,8 милијарди долари.
Тој е сопственик на фудбалскиот клуб „Монако“ и своето богатство го има стекнато од рудник за калиумова сода, што се користи за производство на вештачки ѓубрива за земјоделството.
Милијардерот Дмитри Риболовлев живее во Монако, но има имот на сите страни во светот. Располага со куќа во француското монденско одморалиште Сен Тропе, поседува еден грчки острови, има голема куќа во Мајами на Флорида, што претходно ја поседувал американскиот милијардер Доналд Трамп, а негова е и вилата на Хаваиѝ во која порано живеел холивидскиот актер Вил Смит.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



