| четврток, 6 декември 2018 |

(Ексклузивно) Се повлекува ли, навистина, Црвенковски во мај? 3 дел

Информациите до кои дојде „Република“ за заминувањето на лидерот на СДСМ велат дека постои мала веројатност тоа, навистина, да се случи. Според партиските информации што Црвенковски ги поделил со дел од раководството, најавил дека во мај, кога ќе почнат нови протести и немири, тој  нема да ги напушти своите луѓе, а дека изјавата за напуштање на кормилото на партијата ја дал за да го намали притисокот врз себе и врз најтесното раководство. Дел од неговите најблиски соработници ова го дочекале како добра вест, но  некои не можеле да ја скријат разочараноста од ваквата изјава на партискиот шеф. Особено не бил задоволен Заев, кому пред нешто повеќе од еден месец Црвенковски му ветил дека тој ќе биде негов наследник по мајскиот конгрес. Кому Црвенковски му ја говори вистината за наследникот во партијата ќе се знае во мај, кога во битка за претседател, доколку тој, навистина, се повлече, можат да влезат најмалку пет члена од сегашното најтесно раководство на кои им ветува дека можат да станат прв човек на СДСМ. Како ќе се одвиваат работите до мај засега не можат да претпостават ниту тие што добро го познаваат својот лидер.

Од другите детали од разговорот меѓу Црвенковски и Заев, за кој е очигледно дека струмичкиот градоначалник сакал да излезе во јавноста, интересна е дебатата за влијанието на Груевски. Според Заев, СДСМ и Црвенковски не требало да се обидуваат да излезат на крај со премиерот кога веќе станало јасно дека ниту Грците ниту Бугарите ниту ЕУ не можеле да излезат на крај со него. Според информациите до кои дојде „Република“ од извори во партијата, Заев му сугерирал на Црвенковски при менувањето на позициите на партијата да каже дека сите активности на СДСМ имаат цел да се забрзаат евроинтеграциите  и со тоа ќе обезбеди алиби за промена на позициите со што во Брисел ќе добијат поддржувачи како конструктивна опозиција.

Заев за време на разговорот предлагал на локалните избори да се удри силен притисок на советничките листи, каде што поразот ќе бил поблаг и поприфатлив, на што Црвенковски одговорил дека не е важно што партијата, можеби, ќе освои 3, 4 или 10 градоначалнички места кога ВМРО–ДПМНЕ ќе освои 50 градоначалници, со што ќе биде сосема ирелевантно колкав е бројот на добиени советници.

 

Објавените инфромации „Република“ ги доби од неофицијални извори во партијата или блиски на неа и тие не се официјално потврдени од партиски тела или лица од СДСМ. „Република“ ќе ги објави сите реакции на објавените текстови што можат дополнително да дадат целосна слика за состојбата во најголемата опозициска партија.

Првите два дела можете да ги најдете на следните линкови – прв дел , втор дел.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top