Враќајќи се од Метрополитен музејот покрај Централ парк, здогледувам екстраординарна фигура, чијашто облека на ренесансен трубадур отскокнува од и така жестокото њујоршко шаренило. Тоа е човек на шеесетина години. Чекори сталожено по тротоарот, неговата долга бела коса потскокнува. И двајцата одиме кон „Челси хотел“?
– Еј, господине Орландо! – две госпоѓи на педесетина години излегуваат од луксузната лимузина (со шофер). Тие го опколуваат Орландо, трубадурот од чинквечентото, заталкан на Петтата авенија.
– Бевте феноменален минатиот петок на ретроспективата на Џаспер Џоунс. Тоа ваше двочасовно предавање за геостратегиската поетика на поп-артот на Џоунс. Ах, никогаш не сме чуле поумна експертиза…
– Ах, да – Орландо веќе стануваше нервозен. Тој го забрза чекорењето. Но госпоѓите беа упорни, а лимузината со шоферот ги следеше со 5,5 км на час.
– Дојдете со нас на вечера! Има премиера на Бродвеј! Ајде во МОМА на Матис!
– А, ве молам, имам важен состанок за неколку минути. Ве молам!
Дамите тажно се повлекоа во лимузината, како покиснати кучки. Орландо здивна, па продолжи.
Решив да се претворам во „ништо“ и да го испитам овој редок феномен. Но, по неколку минути Орландо одненадеж застана и се сврти наназад. Се гледавме тет а тет неколку секунди, во кои сфатив дека Орландо е, всушност, Леонардо да Винчи, мислам на неговиот последен автопортрет (цртеж), кога големиот мајстор на високата ренесанса е во заштита на францускиот крал Франсоа Први – освојувачот на Италија.
– Еј, гледам, те интересира уметноста? – ја прекина незгодната тишина Орландо.
– Посебно кога е древна и длабока. Многу ми личите на Леонардо да Винчи.
Л. Д. – Ах, ме откривте. Вие сте првиот што ме препозна од 1898 година во Падова, кога еден уметник–аматер ме препозна и се собра толпа од 1.000 луѓе, од кои бегав како улав. Целата брканица траеше десетина часови, како маратон. На крајот се ослободив од нив. Мислев дека ќе ме линчуваат.
– Можеби мислеле дека сте дух?
– Ах, ве молам. Та зар духовите бегаат? Та нели тие и низ ѕид минуваат и како да се фиксирани за некоја друга реалност.
– Гледам, не сте ни зомби, а ни вампир, зошто уште е ден.
Л. Д. – Ништо од тоа.
– Да не сте го создале каменот на мудроста и вечниот живот и сега живеете низ вековите како вашиот сонародник – алхемичарот Фулканели?
Л. Д. – Не, мојата долговечност, фактички, фиксираност на клетките во организмот за еден вонвременски метаболички процес се должат на средбата со еден непоимлив светлосен ентитет, еден вид интелигенција, која физички се манифестираше како голема светлосна сфера. Првпат се сретнав со овој феномен во околните брда на Винчи, мало место во северна Италија, каде што го поминав детството.
– Мислите на некаков НЛО?
Л. Д. – О, не, барем не во класична смисла на уфологијата. Ова беше флуидно, материјално сочинение, светлина, која извира од самото средиште на феноменот. Кога се приближив и влегов во светлината, сфатив дека сум во еден сосема нов простор, како тунел од светлина.
– И?
Л. Д. – Отпрвин бев уплашен, но потоа почувствував некаква блаженост. Кога сосема се отпуштив, почнав да наслушнувам некакви пораки, кои полека се вообличија во совршен италијански. Почна разговор.
– И?
Л. Д. – Го прашав дали е некаков ангел, а „тоа“ ми одговори дека ангелите личат на луѓе и имаат крилја на лебед. Па се насмеа, а мене ми падна незгодно и прекинав со неумесните прашања.
– И? Да не сакаш хамбургер?
Л. Д. – Еј, ова ти е супер идеја. Ако нешто ми се допаѓа во овие времиња во Америка, тоа е брзата храна.
– И?
Л. Д. – И потоа не го видов. Сè до последниот ден, кога починав во прегратката на францускиот крал, кој беше голем љубител на уметноста.
– И? Мислам, на еден блок од „Челси хотел“ има хамбургери.
Л. Д. – Супер.
– И?
Л. Д. – Во зоната на лимбот „тоа“ повторно се појави. Одеднаш нашите две суштини се помешаа. Тогаш „тоа“ ме замоли да се вратам во своето, веќе оладено и погребано тело, и да продолжам да живеам. И тоа се случи, и јас оживеав и еве живеам речиси 550 години. Нормално, ретко кој е свесен за ова. Кога го прашав зошто го бара тоа од мене, „тоа“ ми одговори дека и пеколот за мене добива рајски својства.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.