Како да се стигне до целта?
Прво
Треба јасно да се постави целта. Инаку може да ви се случи да поминете преку неа не знаејќи дека сте стигнале.
Второ
Треба да се запознаете со себеси. Токму така: ќе дојдете до огледалото и ќе си подадете рака. Љубовта спрема животот, односно себеси како мало каналче преку кое тој живот (со големо Ж) протекува, е условот сине ква нон.
Зар и ти, сине? Се разбира, љубовта пред сè значи неусловување. Тоа е единствениот услов на љубењето – ако нешто и оддалеку ви замириса на условување, кидавела. Тогаш осаменоста станува еден чуден квиз во кој одговорите доаѓаат тивко и влегуваат во вашата душа како легенда – нешто што треба да се прочита. Од воздухот.
Трето
Треба да си верувате. Ако подолго време не се остварува замисленото, тоа е знак дека вашето трпение наскоро ќе го достигне сјајот на дијамантот. Како инаку да се бруси? Вештината на чекањето без да се ропта е еден од најголемите таленти, останатото е работа, на себе.
Четврто
Кога ќе се сретнете со стравот дека сте просечни и дека сте исти како другите коишто баш и не ви се допаѓаат, сега му е мајката! Почнете да се менувате. Другите не можете да ги смените, но себеси – ехеее! Човек не е ништо друго освен едно големо, плодно поле. Неограничен капацитет. Потенцијална енергија. Храбрите од овој потенцијал прават чуда. Плашливците прават една единствена грешка – се плашат да му погледнат на стравот в очи. Откога ќе му погледнат, стравот престанува да биде блокатор. Продолжува да биде само чувар на лозјето. Сè се учи.
Петто
Најважна од сè е вистинската насока. Вие сте истовремено компасот и патот. Еве што им рекол Н.Тесла на двата братски народи на Балканот пред да го напушти стариот континент и да замине за Америка: кога би ја впрегнале омразата што ја чувствувате едните спрема другите во електрична централа, со толкавото количество енергија би можеле да ги осветлите градовите во пола Европа!
Шесто
Сменете ја перцепцијата кон поимот „криза“. Дури и тапа астролог може да ви каже дека колку и да е тешка ситуацијата, потсвесно самите придонесувате за неа, само со една цел – да се искачите скалило погоре! Немојте да се занесувате дека може да се чекори по облаците и истовремено да се напредува! Играјте шах. Научете да го повлечете паметниот чекор во вистинското време, не порано и не подоцна. Животот е игра. Дотолку повеќе ако е точна теоријата дека нашиов универзум е една мала честица во бесконечното пространство на варијанти. Во најмала рака, дружете се со квантни физичари кои се попаметни од вас и чиишто идеи можеби ќе ви бидат тешко разбирливи, но барем ќе го поттикнат вашиот ум да го прифаќа различното.
На пример, ако во мај во поштенското сандаче ви пристигне сметка што сте заборавиле да ја платите во февруари, обидете се да се сетите: дали во февруари се правевте на тошо кога си дозволивте некаков непотребен луксуз само за да го елиминирате чувството на тегобност? Кредитот секогаш ќе тропне на врата кога најмалку се надевате. Затоа научете се да не ги избегнувате мачните чувства. Гледајте ги. Останете мирни и тие ќе испарат како што од врелиот асфалт испарува дождот. На сметка на тоа, гледајте редовно да ги плаќате сметките. Нема ама.
Седмо
Најнакрај, во големиот ринг на сеопфатните можности, или во обичниот миг кога Севишниот ќе рече „акција“, што да се прави? Како да се справуваш со проблемите што за секунда ќе ти го помрачат умот? Дали само со позитивно мислење или некогаш треба да речеш абракадабра? Да употребиш некој стар, едноставен трик? Можеби некому да залепиш шамар, некому да му плеснеш в лице, да поделиш по некој бокс, клоца, мајагери и слично? Да поделиш прегратка? Да го благословиш просјакот во минување?
Ова не е само туристичка понуда за обесправените и блокирани од уроци уште од раното детство. Главниот проблем што го има човекот го има самиот со себе, па така и треба да се справува со него. И не прашувај дали нешто вистински се решава само со гледање во сонцето. Гледај. И некако само по себе ќе ти дојде да ја фрлиш коцката.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.