| четврток, 6 декември 2018 |

Изложба во Велес: Женските фигури како основен избор и инспирација на Ангел и Стефан Димовски

Вечерва во ликовниот салон на Народниот музеј во Велес ќе биде отворена изложба на дела од Ангел Димовски-Чауш и неговиот син Стефан Димовски, и двајцата реномирани македонски уметници. Велешката публика ќе може да ги види нивните скулптури и акварели.

DEE397CF-8F09-42C2-9D0E-E5E22C55C21C_cx0_cy9_cw0_w800_r1

Ангел Димовски-Чауш потекнува од велешкото село Крнино. Во 1973 година завршил училиште за применета уметност – вајарски отсек во Скопје, во класата на професор Димо Тодоровски. Од 1973 до 1977 студира Историја на уметност со археологија на Филозофскиот факултет во Скопје. Со отворањето на Факултетот за ликовна уметност во Скопје, во 1980 година се запишува на истиот, на отсек вајарство со театерска, филмска и телевизиска сценографија. Истиот го завршува во 1984 година во класата на професор Петар Хаџи-Бошков. По завршувањето на Факултетот за ликовна уметност, активно и студиозно се посветува на работата во областа на скулптурата изложувајќи ги своите дела самостојно и групно во земјава и во странство. Остварил повеќе студиски патувања како во: Италија, Франција, Шпанија, Германија, Грција, Египет и Турција. Извесен број негови дела се наоѓаат во приватни колекции во: Америка, Африка, Франција, Холандија … Член е на ДЛУМ од 1984 година, и член е на француското друштво на ликовни уметници LA MAISON DES ARTISTES од 2002 година. Живее и работи како слободен уметник во Македонија и во Франција.

– Она по што Ангел Димовски Чауш се разликува од другите современи скулптори е неговото древно, речиси пророчко сваќање на творечкиот чин, каде проникливо завлегува во метафизичката суштина зад појавните облици, креација за една мисла поблиску до тајните на светот, едно видување на сеопфатната вистина која се обидува да ја видат и сeтат и другите. Во скулптурите на Чауш се чувствува и духот и обземеноста со наследството предадено со една модерна поента, склоност кон тоа древните симболи и орнаменти да се предадат во еден модерен експресионистички израз. Еден од основните белези е настојувањето пластичната форма докрај да ја изрази содржината на чувственото и интелектуалното, на неговата основна мотивска преокупација, човекот како основен избор и инспирација, а пред и над се, женските фигури во широка скала на модификации. Во скулптурите од дрво предадени се со облици на асоцијативен антропоморфизам близок на преставите на Вилендорфската Венера, со нагласени атрибути, бедра и колкови, женски актови, фигури со стилизирана еротика, со облици и украсувања блиски на преставите на праисториските дами. Овие дела рефлектираат на рамниште на артефакти, вешто накитени со апликаци и симболи што говори за еден спиритуален дослух со минатото, што буди чувство на постоење и траење, каде се вметнати фолклорни елементи, пафти, гердани, украси за коса, рељефно предадени или со врежување. Дел од фигурите (глави)со нагласена фасцинација од еден вид тотемска фигурација, со магично –амблематични престави карактеристични за древните уметности, надополнети се со сосема модерни апликации од современите текови, наочари, патенти. Со додавањето на рељефните апликации на воглавно измазнетата структура на фигурите и додавањето на контрасти преку колористички издвоените целини и дополнителното вметнување на апликации од коноп, кожа и метал постигнува дополнителна експресивност на делото. Предисториската уметност и уметноста на старите цивилизации за Чауш е актуелна и фасцинантна, вели Елица Николова.

stefan_dimovski

Стефан Димовски, пак, помладиот уметник, чии дела може да се видат од вечерва во Ликовниот салон во Велес е роден во 1983 година во Скопје. Долгогодишниот престој на Азурниот брег и Прованса, Франција му овозможија уште од рана возраст да воспостави контакти со познати акварелисти и таму да започне да ги открива тајните на акварелот, совладувајќи ја акварелната техника до перфекција. Така, тој сериозно започна да работи акварелна техника од 1995 година. Досега реализирал повеќе групни изложби на слики и акварели во Сан Рафаел, но исто така своите дела ги изложувал во повеќе галерии на југот од Франција. Во 2013 година ја оствари својата прва самостојна изложба во Музеј на град Скопје, а во 2014 ја реализира и втората во Ликовниот салон на NLB Тутунска банка во Скопје. Во 2010/11 година, дел од неговите акварели се селектирани во 11-то издание на Интернационалниот Италијански каталог за модерна уметност -MDS CATA­LOGO INTERNAZIONALE D’ARTE MODERNA no. 11-EDI­TRICE D’ARTE CIDA ROMA, а потоа во 2011 година добива награда за акварел во конкуренција на 60 сликари и акварелисти на 12-от саем за сликари и акварелисти во Сан Рафаел, Франција. Негови дела се наоѓаат во повеќе институции и приватни колекции во земјава и странство, Дора Андова Фотева.

-Стефан Димовски е млад автор, даровит и љубопитен, кој низа години со засебна љубов и непресушна енергија го негува акварелот како посебна ликовна дисциплина која станува негова творечка преокупација. Посветен на своите интересирања и сензибилна имагинација како емотивно и творечко придвижување, тој постојано истражува, пребарува, креира, создавајќи сопствен израз во творештвото. Тоа се творби во кои мотивите се сведени на елементарни претстави, акварели работени со искреност, лесно и чисто, во кои се забележува педантна разработка со лазурно нанесени акварелни бои како и суптилни лавирања и градација на тоналитетот. Тематската определба на пејзажи инспирирани од убавините на Азурниот брег и женското тело преточени во акварели нудат една успешна ликовна приказна исткаена со сегменти од опкружувањето, така што во неговите ликовни творби е читлива една засебна лирска нарација. Toa се дела со различни мотиви како пејзажи и серија на градби, дела насловени како импресии од Франција и женски актови кои уметникот ги претставил на свој начин во комбинација на акварелот со колаж и други техники.

AKT

-Преубавите пејзажи со кои изобилува Азурниот брег и небото со карактеристична сина боја, ве оставаат без здив. Сепак, покрај класичниот пејзаж, на моите дела можат да се видат и стари градби во Франција кои имаат автентичен дух. Беше посебен предизвик за мене да ги насликам во акварел. Затоа, тие пејсажи се апсолутно дел од мене, нешто многу лично и доживеано. Што се однесува до споредбата меѓу Македонија и Прованса, мислам дека ние овде имаме предели кои се дури и поубави. Но, таму постои некоја магија во комплетниот амбиент, поради што јужна Франција го има статусот на најпривлечно место во Европа. Прво, нивната традиција е многу долга и богата. Уметноста, архитектурата, стилот на живот…, сето тоа е ставено во функција на убавината. И второ, поради близината на Азурниот брег, светлоста се рефлектира толку специфично, што небото никаде не е така сино како во Прованса. Таа рефлексија мислам дека ги креира боите, тоновите и интензитетот на целиот провансалски пејсаж, а такво нешто нема на ниту едно друго место во светот, вели Димовски.

Акварелот нуди големи можности за експериментирање и како ликовен израз од уметникот бара брза и вешта рака, суптилен колорит, специфичен ликовен јазик и познавање на техниката.

-Па, возбудата што се создава при неговото цртање не можам да ја пронајдам во друга техника, односно тој најмногу кореспондира со мојот темперамент. Поврзан е од првиот до последниот потег, а играњето со боите, водата и со времето ми се неверојатно возбудливи. Особено, тоа борење со минутите, односно колку време треба за да се исуши претходната боја, за да се нанесе новата, е многу многу динамично, што ми го прави интересен самиот чин на сликање. Затоа и работам така -брзо, спонтано, со многу движења, многу потези… Секоја слика ја почнувам и ја завршувам од еден обид. Ако ја оставам недовршена, веќе никогаш не и се враќам и ја сметам за неуспешна – смета Стефан.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top