Актуелниот вицешампион Металург е казнет со 150,000 денари, како и еден меч да игра пред празни трибини, како казна за инцидентот кој настана на дербито против Вардар.
„Металурзите“ го добија овој меч со убедливи девет гола разлика, но сепак ќе мора да платат за инцидентите што се случија со фрлените предмети за време на дуелот, но и за инцидентот на полувремето кога еден навивач тргна физички да се пресмета со службеното лице на „Вардар“.
Казната е изречена заради прекршувања на одредбите од член 106 од Дисциплинскиот правилник на РФМ за време на првенствениот натпревар од 6.коло со Вардар одигран во салата „Автокоманда“.
Притоа во одлуката се наведени прекршоците: фрлање на ролни и останати предмети на теренот за игра; користење на запаливи материи за време на натпревар; пушење во салата за време на натпреварот; влегување на гледачите на терен за време на натпревар; навлегување на гледачите на терен по завршетокот на натпреварот и напад од членови на клубот или делови и поединци од навивачка група или навивачи, на членови на противничкиот клуб или делегат и комесар на натпреварот, или судија на натпреварот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.