| четврток, 6 декември 2018 |

Милан ја шокира Барселона (2-0)

Милан ја шокира Барселона и на реваншот од осминафиналето во Лигата на шампионите ќе патува со убава предност од 2-0. Во вториот дуел, вечерва, Галатасарај и Шалке 04 одиграа без победник 1-1.

Милан, изненадувачки и одржа вистинска фудбалска лекција на фаворизираната Барселона и со головите на Кевин Принс Боатенг и на Сали Мунтари славеше голема победа.

Интернационалците од Гана, Боатенг и Мунтари, беа прецизни во второто полувреме, во кое Милан комплетно ја надигра големата Барса. Гостите не упатија ниту еден директен удар кон голот на Абијати, што е вистинска сензација за фудбалери од калибарот на Меси, Чави, Иниеста, Родригес…..

Тие протестираа во 57. минута, веројатно со право, но судијата Томпсон одлучи да го признае голот на Боатенг. По ударот на Монтоливо, топката го погоди во рака соиграчот Запата, арбитрите не реагираа, а Кевин Принс ја искористи шансата и му донесе предност на Милан. Барселона е оштетена, но Каталонците најмногу си наштетија сами на себе. Одиграа бледо, непрепознатливо и до крај примија уште еден гол.

Со извонредна асистенција, Ел Шарави го пронајде Мунтари, а овој осамен во срцето на шеснаесетникот погоди во 81.минута  за фантастичен триумф на Милан. Италијанскиот клуб го прекина постот од 7 меча без победа против Барселона, и стави крај и на серијата на Меси од 14 гола на последните натпревари и ќе патува на реваншот осоколен и со убава предност.

Во Истанбул, Шалке 04 го издржа притисокот и во Гелзенкирхен се враќа со одлични 1-1. Јилмаз во 12. минута му донесе предност на турскиот гигант, а Џонс израмни во финишот на првиот дел.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top