За да се направи разговор со интелектот на една душа што опстојува (живее, или подобро, бивствува) во „зоните“ на есхатолошкото, потребно е да „влезете“ во еднa посебна состојба на свеста, која нема никаква врска со освестувачките и когнитивните стандарди на оваа димензија на перцепцијата и на егзистенцијата. Тоа е застрашувачки потфат и бара повеќедецениско искуство (освен кај ретките таленти). Пред сè, треба да знаете некои техники на медитација или како добар алхемичар да ги создавате вистинските напивки или соединенија, што ќе ве доведат до посакуваната содржина. Исто така, можете да се обратите и на спиритист, кој ќе западне во трансна состојба и како медиум ќе ве поврзе со душата на покојниот. Третиот и најраспространет начин е преку сонот. Но, за разлика од првите два начина, т.е. со инсценирана и испланирана трансна состојба иницирана од медитација, медитативен ритуал, хипноза или психотропни супстанци, т.е. со медиум-спиритист, сонот е неконтролибилен и анархичен, така што „патувањето” може да отиде во сосема непланиран правец и состојба.
Но, сепак, има умешни и посветени сонувачи, тие што го почувствувале огромниот ресурс на ирационалното и потсвесното. Е, токму тие сонувачи можат да го испровоцираат настанот и како вешти пилоти (сајбери) да го управуваат „патувањето“.
Енди Ворхол седеше на една клупа во паркот на „Жената борец“ и гледаше кон крстот на Водно. Беше убав летен ден, насекаде џагор од тинејџерки што се разголиле со младешка дрскост и со своите папоци ја цицаат светлоста на спокојното попладне.
Му пријдов: – Простете, дали е слободно?
Енди Ворхол: – Одамна. Повелете.
Седнав до Енди и му понудив путер од кикирики, всушност, една конзерва.
Енди Ворхол брзо ја отвори и стави прст во путерот од кикирики. Тој ја замеша содржината и го подигна прстот, од кој се слеваше една кашеста маса, што паѓајќи формираше чудна скулптура од смесата. – Како Сезар…
Јас: – Ах, да, господине Ворхол.
Енди Ворхол: – Знаете дека европските уметници од дваесеттите и од триесеттите веќе го измислија поп артот, многу пред мојата генерација американски уметници, на кои им се припишува оваа доблест од страна на историчарите на уметноста. Но, за разлика од Европејците….
Ј.: – Се извинувам, на кои Европејци мислите?
Енди Ворхол: – Па сигурно не на Ленин, Мусолини и Хитлер.
Ј.: – Аха, претпоставувам мислите на Дишан, Арп, Курт Швитерс, Ман Реј, можеби Дали?
Е. В.: – Зошто да не, и Дали, сепак тој повеќе дејствува како Ариер-Гарда во триесеттите и, самите надреалисти го изопштуваат од движењето. Наводно, бил анахрон во стилот и премногу дескриптивен во содржините…
Ј.:– Но тој изјавува дека реалноста е понадреална од надреалистичката догматика, што ќе се појави со Андре Бретон како еден вид естетски и идеолошки толкувач на идеите на Зигмунд Фројд.
Енди Ворхол: – А Фројд, од друга страна, ги отфрли сите надреалисти, освен Дали. Вели, врска немале со неговите согледувања, освен Дали, за кого имаше високо мислење.
Ј.: – Вашето, пак, дело е толку егзактно и мултипликативно, што најординарната реалност ја претворате во параноична визија, доведена до најекстремните граници на алиенацијата и аутичноста?!
Енди Ворхол: – Отсекогаш сум се чудел од шокантноста на некоја ординарна појава кога ќе навлезев во филозофската димензија на тој феномен. Токму тој аспект создаваше една подвоена, па дури и мултиплицирана реалност. Секоја реалност содржи еден вид психичка вибрација, која твори сосема нова стварност. Еднаш го гледате Мао како најдобар пријател, а друг пат како гигантски мачор што сака да ве изеде.
Ј.: – Како што супата „кембл“ е симбол на потрошувачкото општество, но и метафора за уметноста која ја менува својата манифестација низ историјата, но никако и нејзината суштина. А тоа е, дека таа е храна – за духот – мислам на супата „кембл“.
Е. Ворхол: – Што се однесува до супата „кембл“, ја бев почувствувал како естетика кај Марсел Дишан. Па и „Мона Лиза“… Марсел се зафркаваше, зеде, како што знаеме, репродукција од Џоконда и ѝ нацрта мустачиња а ла Веласкез.
Ј.: – Штета што ја батали уметноста и му се посвети на шахот.
Е. В.: – Но во тоа е деликатноста на стариот добар Марсел. Тој сакаше да ја ислустрира креативната индустрија низ бесконечните комбинаторики на шаховската игра, која во крајна линија никаде не ги води самите играчи.
Ј.: – Во целата рационалност и дистанцираност, сепак има чудесна нота на романтичност.
Е. В.: – А, достоинствениот Марсел… Никако не сакаше да се комерцијализира, па да штека по 25 слики на ден како Пикасо во педесеттите. Тоа за него беше дегутантно, се замислуваше како „забеган“ артизан, што во својата гигантска шупа лепи тенекии и штици.
Ј.: – Премногу ready-made?
Е. Ворхол: – Не знам! Остана во некој Грета-Гарбо-филм. Можеби сета таа опскурна аристократичност му беше алиби за мрзливоста.
Ј.: – Можеби тајно ќе направел нешто за Пеги Гугенхајм, за Маер Шапиро или за Де Манилови?
Е. Ворхол: – Не, таквите аскети и хипнотизери никогаш немаат потреба од пари. Со годините, и славата почнува да ги тормози и тие се повлекуваат во најалиенираните делови на антропосферата.
Ј.: – Како Ленин, пардон, мислам, Ленон.
Е. В.: – Аха, Ленин е, можеби, реинкарниран во Ленон (бил). Во секој случај, и двајцата се големи револуционери.
Ј.: – Само што првиот е тиранин, а вториот маченик.
Е. В.: – Така тоа оди со преродувањето на душата, во една епизода си тиранин, во друга маченик. Во една епизода си Крупскаја, во друга Јоко Оно. Во една епизода си крава, во друга Мерлин Монро. И сè така до судниот ден.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.