| четврток, 6 декември 2018 |

Вистински шлагер во ЛШ, Милан против Барселона

Вистински фудбалски шлагер за сите сладокусци ќе биде вечерашниот дуел на европските гиганти Милан и Барселона, во Милано на „Сан Сиро“, од 20,45 часот. Во „дебела сенка“ на овој меч, во Истанбул, Галатасарај ќе ги одмери силите со Шалке 04, во истиот термин.

Во Милано домаќините се надеваат на прекин на серијата од 9 меѓусебни средби со Барселона, во кои немаат победа. Ниту најголемите оптимисти не се надеваат на реприза од блескавата победа, во финалето од престижното натпреварување во 1994 година, кога Милан ја декласира Барселона со 4-0. Но, тогаш „црвено-црните“ беа вистински дрим-тим предводени од Савичевиќ, Гулит, Рајкард и дузина светски ѕвезди кои мелеа се пред себе. Сега ситуацијата е сосема спротивна и Барселона е голем фаворит, барем на хартија. Тие го имаат фантастичното трио Меси-Иниеста-Чави, кое е срцето на тимот, во машинеријата што игра најубав фудбал на планетата, а патем остварува и супер резултати.

-Немаме илузија дека Милан ќе ни ја подари победата и дека лесно ќе ги минеме. Италијанците се секогаш незгоден противник, со богата колекција трофеи и против нив по традиција тешко се игра. Мора да играме на највисоко ниво и да потврдиме на теренот дека сме подобри – велат од таборот на Барселона.

За Милан право на настап нема најновото засилување Марио Балотели, а втор голем проблем е скромниот играчки кадар и просечните игри што ги прикажува носителот на 7 европски круни. Сепак најтешка задача за домаќините ќе биде како да се сопре гол-машината, Лионел Меси. Аргентинскиот ас е назадржлив, игра феноменално и е во серија од 14 натпревари на кои постигнал барем еден гол. Сезонава, веќе 48 пати ги тресеше противничките мрежи и тој ќе биде главната закана кон голот на Милан.

Чаре, да го сопре Меси, во директен дуел веројатно ќе бара искусниот Масимо Амброзини. Таква тактика, по препорака на сопственикот на Милан, Силвио Берслускони, ќе спроведе тренерот Масимилијано Алегри.

Неговиот колега од Барселона, Тито Виланова е на лекување во САД, па вечерва Барселона од клупата ќе ја води неговиот помошник Жорди Роура.

Во Истанбул, деби во дресот на Галатасарај во ЛШ, ќе имаат Весли Снајдер и Дидие Дрогба. Со двајцата искусни и екстра-квалитетни интернационалци, шансите на турскиот состав растат, но Шалке 04 не е наивен тим. Тимот од Гелзенкирхен ја мина фазата по групи без пораз и како првопласиран, во конкуренција на Арсенал, Олимпијакос и Монпелје.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top