
Колумнист:
д-р Бона Лазар Бајрактарова
Универзитетски професор
Македонија е пред двојни избори – вториот, одлучувачки круг на претседателските избори и парламентарни избори. Предизборната реторика, главно, очекувана. На моменти многу жестока, а атмосферата – напната. Медиумите нѐ бомбардираат со платена политичка програма, изјави дадени на средби, митинзи. Ценејќи ја тежината на искажаните зборови, фрази, флоскули, предизборни ветувања, граѓаните одлучуваат кому ќе ја дадат својата доверба. Тоа го направија на 13 април (првиот круг на претседателските избори), ќе го направат и на 27 април. Компаративното искуство од повеќето изборни циклуси досега (предизборни ветувања vs постизборна реализација) e од помош за процена на сериозноста на кандидатите/ политичките субјекти, за на следните избори – да направат избор. Научија да прават разлика меѓу вистинските и виртуелните ветувања. Ваквиот однос на граѓаните кон изборите станува практика.
Критериумите според кои граѓаните треба да ги вреднуваат кандидатите/ партиите на избори, всушност, ги изгради актуелната владејачка партија (ВМРО-ДПМНЕ) работејќи според принципот – ветувања запишани во програма со зададени рокови на реализација, остварувања и отчет. Споменувајќи ја владејачката партија со респект за постигнувањата на нејзината влада (имајќи ги предвид и грешките и пропустите, слабостите на пониските ешалони), не може да не се посочи на главниот креатор и гарант на воспоставениот тријас – ветување/ реализација/ отчет – лидерот на оваа партија, актуелниот премиер Груевски. Тој е енергија ставена во служба на државата.
Придржувањето на владејачката партија кон принципите што самата ги воспостави ѝ носи изборни победи (парламентарни, локални), приклучување на многу успешни луѓе, врвни уметници, интелектуалци во нејзините редови. Тој магнетизам на ВМРО-ДПМНЕ опозицијата и некои нејзини видни поддржувачи не можат да го разберат. Нивното елитистичко самодоживување ги заслепува, им ја засенува реалноста! Еден наш познат, успешен режисер, во истиот (опозициски) манир, во своја колумна се жали дека актуелниот претседател никогаш не го гушнал него, а гушкал некои други! Но, почитуваниот ја нема доблеста на врвен интелектуалец да признае дека нему повеќе би му годело гушкањето од „некој друг” (претседател или политичка партија). Неговото право на избор е легитимно, но не и непринципиелните квалификации!

Опозициските партии, особено СДСМ, не ја научија лекцијата како се победува на избори. Не научија дека изборите еднаш може да се добијат лесно поради грешки во владеењето на политичкиот противник, но многу лесно се губат ако не се оправда довербата. Изборните Порази ги правдаат со изборни нерегуларности. Вообичаено не ги признаваат, а воспоставија и чудна практика освоените гласови, иако недоволни, да ги толкуваат како некаква победа (така реагираа и по првиот изборен круг на претседателските избори кога разликата од 122.000 гласа беше во корист на претседателскиот кандидат поддржан од ВМРО-ДПМНЕ). Таков однос кон изборите имаат партии и поединци кои виновниците за сопствениот дебакл ги бараат секаде (незначајните изборни инциденти ги хиперболизираат), само не кај себе. Поразот да се претставува како победа значи забрзување на сопственото пропаѓање.
Во натпреварот со политичкиот противник (а и кога се работи само за поддршка на „своите“) често се вели – сѐ е дозволено и легитимно. Теоретски да, но не и во реалноста. Нивото на политичката култура и коректното однесување поставуваат одреден лимит. Голата реторика и крајно нереалното негативно прикажување на фактите и состојбите во државата или на противкандидатот заради политички профит, сепак, се на штета на тој што ги практикува. Но, не треба да се заборави дека политичките памфлети и недоволно обмислените фрази се штетни и со (можни) сериозни последици и за самата држава. Реторичките „бомби“ се нечесен однос кон политиката. Никаков политичар не е оној кој заради свои политички интереси (интронизација на кое било ниво), прави штета на целото општество. Силна е пораката на Андре Мороа: Кога луѓето подобро би сфаќале каква опасност се крие во употребата на некои зборови, речниците во излозите на книжарниците би имале црвена врвца со натпис: „Експлозив! Ракувајте внимателно!”
Да се навратиме на претседателските избори. Првиот круг заврши така како што заврши. Кандидатите на изборниот маратон го трчаат вториот круг, секој со своето сфаќање за начинот како да дојде до победа. Во зависност од тоа, настапите и претставувањето пред граѓаните ги прават во својата изворна форма (на сопствената личност) или приспособено (според процената на кандидатот) на желбите и очекувањата на граѓаните. Некој претпочита да ги истакне резултатите од својата работа, друг преку нагласена реторика и критики за другите да гради слика за себе. Едно е сигурно – кога личноста има резултати зад себе, кога во општеството креира позитивна атмосфера и е перципирана како личност со човечки и професионални доблести, таа нема потреба од реторички акробации.
Толстој вели: Не верувајте им на зборовите – ниту на своите ниту на туѓите; верувајте им само на делата – и на своите и на туѓите.
Народот нема да има проблем за свој претседател да го одбере човекот кој најмногу му импонира. Во ваквите политички трки веројатно најлесно (или најтешко?) е кога некој се бори за втор мандат. Граѓаните имале можност да го запознаат низ неговата работа (и однесување) на највисоката функција во државата. Актуелниот претседател ја претставуваше државата достоинствено. И во светот и дома. Искрено сметам дека ни треба неговата одмереност, неговата смиреност, стаменост, но и искреност. Чувството и посветеноста за Македонија, јасниот став за уставното име! Окосницата на неговата кампања – „Државата пред сѐ!” – е одраз на неговиот однос кон сопствената држава (некои го критикуваат слоганот, а забораваат дека без држава нема ниту народ ниту просперитет). Потребни ни се и неговите познанства со респектирани европски и светски личности од науката и политиката, неговите доблести на едноставен и чесен човек, професионалец и политичар.
За крај. Годи кога државата има водство (претседател/ премиер) искрено посветено на напредокот на државата (потврдено со релевантни показатели и од странски институции, позитивен извештај за РМ од ЕУ). Нека не звучи претенциозно, но таквиот однос за мене е позитивен одговор на она што правите/ што сте направиле за својата држава (ЏФК)!
Некои велат на Македонија ѝ треба нов почеток (?!), не прашувајќи се до кога нашата држава ќе почнува одново, од почеток. На Македонија не ѝ треба нов почеток. Македонската патека е трасирана!
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


