
Колумнист:
Будимка Поповска
(сестра Макрина)
Кога ќе му направиш „анзип“ на празникот, во зависност од тоа во кој слој од општеството припаѓаш, можеш да добиеш едно од овие три нешта: одмор, прекумерна работа или мамурлак.
Ако денот се паѓа во петок, во пакетчето на анзип добиваш подарок – понеделник. Ако твојата работа е цел ден да трчкаш наоколу, нешто да пренесуваш, или си незаменливо штрафче во голема фабрика, нема зипуван празник.
Пола физичка, пола интелектуална работа: помалку стоиш на нозе, повеќе мислиш и малку седиш. Ти си знаеш како.
Само интелектуална работа: главата ти чади, а ништо не е под контрола. Напротив, кога лепчето намачкано со маргарин ти паѓа од рацете, паѓа на намачканата страна. Иако се мали шансите дека некој сè уште го мачка лепчето со маргарин. Во дирекцијата на Марфиевите Закони треба да размислат околу донесувањето нови закони. Барем да се замени маргаринот со путер. Или со песто од рукола. И семе од чиа.
Ако си нутриционист сеедно ќе имаш полни раце работа. Ако не сакаш да се отруеш од здрава храна, ќе мораш пешки и своерачно да ги отстрануваш пестицидите од твоите омилени спанаќ, магдонос, авокадо. Не е случајно што најубавите јадења доаѓаат од заливот на Мексиканците. Тоа е доволно добра причина уште утре да го спакуваш куферот и да ја дувнеш во земјата на Инките.
Ако си домаќинка, празникот (зипуван или не) ќе ти донесе само дополнителна работа околу оние што дента по закон се принудени да останат дома, а притоа не се стечајци. Ако не се стечајци, автоматски се зголемуваат шансите да бидат празнично расположени, што во најголем број случаи значи да им текнува сенешто. Од типот – од кога не сме јаделе сарма со лист од виновна лоза? Дури и да е само од завчера, празникот знае да создава халуцинации кај работохоличарите што не знаат да се опуштат (не) правејќи ништо.
Ако работиш во градски комуналец, нема празник. Освен ако фирмата нема хонорарци коишто чекаат на клупата за резервни играчи и ги вршат валканите работи само за време на празник, за да можат оние со социјално осигурување колку-толку да се одморат. Екологијата е една од најзахтевните работи на светот, бидејќи единственото производство на планетава што никогаш не запира, е производството на ѓубре.
Ако денот се паѓа во среда, државата може да се досети и да го премести денот во четврток, средата да ја замени со петок, а петокот од следната седмица да го премести во понеделник и со тоа да се добијат цели четири дена во кои никој нема да чувствува грижа на совест, оти најлесно е човек да се одмори кога нема претензии за тоа. Инаку опуштање со тенденција во најголем број случаи се покажува како неуспешно. Празник со сила е далеку полоша варијанта од принудна работа.
Колку глави, толку мислења. Колку денови, толку празници. Ако циклусот се состои од по четири годишни времиња, на секое по едно тромесечие, остануваат таман неколку секунди што ќе продолжат да ја бркаат престапната година. Во празната далечина на бесконечниот универзум, или бог ти знае каде.
Значи ли тоа дека по 365 дена од сега повторно ќе изгрее сонцето за истите ритуали на месождерската цивилизација? Повторно чадот од скарите заедно со мирисот на печеното ќе го шири и штимунгот на невртката.
Евреите го сметаат времето во круг, со циклуси кои постојано се вртат и повторуваат. Подваријанти на едно те исто. Христијаните веруваат во праволиниското течење на времето, од минато кон идно. И пак исто. Филмаџиите мислат дека еден филм се повторува секој ден. Денот на мрмотот, Groundhog day – нетипично американско сценарио за големото платно, во кое главниот лик (Бил Муреј) заглавува во кармичкиот вртлог на еден ист ден кој се повторува сè додека Бил не стекне соодветен увид во својата карма. Толку за сармата со лозов лист.
Празник?
Комедија, се разбира.
Има земји во коишто празник е само причина повеќе креветот од спалната соба да се замени со каучот во дневната. Во зависност од планот на архитектот. За оние што имаат само еден кревет и една соба, секој ден е празник.
Оди ти после разбери зошто на празник според закон престанува сè, што инаку не смее да запре.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


