Самарас е одговорен за „дуење“ на прашањето за името и тој сакаше да направи политичка кариера со ставање на националните прашања во прв план, изјави кандидатот за европратеник на грчката опозициска Сириза, Стелиос Кулоглу. Владејачката Нова демократија и Сириза деновиве јавно се расправаат за интервју на Кулоглу во македонски „Телеграф“ во кое тој вели дека нашата земја ја нарекува Македонија „како и другите луѓе во светот“ и оти спорот за името го почна Самарас.
– Она што навистина го изјавив за новинарот од Скопје е дека прашањето за името требаше да се реши на почетокот со заеднички компромис. Исто така реков дека одговорен за „дуење“ на прашањето за името е Самарас, кој сакаше да направи политичка кариера со ставање на националните прашања во прв план. Овој став на Самарас доведе до голем дипломатски пораз на Грција во последниве години- одговори Кулоглу и нагласи дека Нова демократија не треба да го покренува прашањето за Македонија затоа што „во куќата на обесениот не се зборува за јаже“.
И Сириза објави реакција во која истакнува дека нападите на Нова демократија се „напори за промена на агендата на дискусијата за секојдневните проблеми на граѓаните и прикривање на договорот за нови мерки и нов меморандум кој го договориле Владата и тројката“.
Според опозициската партија, паниката на Самарас е очигледна и тој со евтини лаги и одвлекување на вниманието се обидува да спаси што може, но останува неубедлив во тоа.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.