| четврток, 6 декември 2018 |

Камерон: Нема да бидам премиер ако не може да се спроведе референдум за ЕУ

kameronБританскиот премиер Дејвид Камерон изјави дека нема да биде на таа функција, доколку по парламентарните избори во мај 2015 година не ќе може да спроведе референдум за ЕУ. Во обраќање до гласачите на неговата Конзервативна партија пред евроизборите закажани за идниот месец, Камерон рече дека ќе го исполни ветувањето за организирање рефереднум за напуштање или за останување во Унијата или нема да биде британски премиер.

Камерон им порача на своите гласачи дека референдумот е „високо приоритетно прашање“ на идната конзервативна влада. Високи функционери на оваа партија, претходно, соопштија дека референдумот ќе биде „црвената линија“ за сите преговори со другите британски партии, околу евентуалното создавање коалиција по изборите за една година.

Во јануари минатата година, Камерон најави одржување референдум за ЕУ до крајот на 2017 година, доколку на британските парламентарни избори во мај идната година, победат конзервативците и сами формираат нова влада.

Пред референдумското изјаснување на Британците, тој најави преговори со Брисел околу идниот статус на Велика Британија во ЕУ и враќање на дел од овластувањата што веќе се префрлени на Унијата.

Опозиционите лабуристи и партијата на либералдемократите кои сега се коалиционен партнер во владата на Камерон, се против организирање ваков референдум, иако и двете партии ја прифаќаат потребата од реформирање на работата на ЕУ.

Изјавата на премиерот Камерон доаѓа пред претсојните евроизбори во Велика Британија на кои евроскептичната партија за независност на Обединетото Кралство (УКИП) се очекува да оствари забележителен подем и да ги совлада ториевците кои исто така важат за евроскептици.

Лани Камерон заговараше референдум само ако обезбеди апсолутна победа на следните британски парламентарни избори, сега неговите ториевци зборуваат за „црвена линија„ при правење коалиција,што покажува дека веќе сега ниту тие не веруваат дека било која партија ќе може сама да формира влада.

Актуелниот британски премиер во обраќањето тврди дека има подршка во ЕУ за едни „разумни промени“ за идното функционирање на Унијата, но засега ниту една членка се нема јавно изјаснето дека е на страната на Велика Британија околу ова прашање.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top