Ефикасно спроведени избори без инциденти, но со зголемен интензитет на мобилизација која во одреден дел преминувала вo притисок, агитирање и евидентирање на гласачи, гласи прелиминарната оценка на МОСТ за изборите во РМ.
Според оценките на Граѓанската асоцијација МОСТ, вчерашното гласање во Македонија поминало мирно, но биле регистрирани поголем број случаи на семејно гласање и друг вид неправилности:
„Според извештаите и информациите добиени од набљудувачите, прелиминарната оценка е дека гласањето беше ефикасно и без инциденти, со значително зголемување на случаи на семејно гласање, споредено со првиот круг на претседателските избори. На дел од избирачките места избирачките одбори не ги информираа правилно гласачите за процедурата на гласање, односно за тоа дека можат да изберат за кој изборен процес сакаат да гласаат. Изборниот ден помина мирно, но со зголемен интензитет на мобилизација на гласачите, која во одредени случаи прераснуваше и во притисок врз нив да излезат на гласање. Ова беше евидентно и од фактот што пред одредени гласачки места беше забележано агитирање и евидентирање на гласачите“, изјави претседателот на МОСТ Дарко Алексов.
Од МОСТ констатирале неправилности и за процесот на 26 април, кога гласаа болните и раселените лица:
„За гласањето на болните и раселените беа пријавени 9218 лица, што е повеќе за 24,8% од првиот круг. ДИК најави дека доколку има случаи на непочитување на процедурата, ќе има мерки против изборните комисии и лекарите. Иако тие мерки се позитивни и во иднина треба да придонесат за поголема контрола, сепак за овој изборен процес тие се задоцнети со оглед дека лицата кои евентуално не ги исполниле условите за овој вид гласање веќе го дале својот глас. Што се однесува пак до процедурата за спроведување на овој процес на гласање, генерално е дека беше нарушена тајноста на гласање“, рече Алексов.
Во делот на кампањата помеѓу двата круга гласање од МОСТ регистрирале заострување во однос на реториката и активностите на терен. Биле регистрирани пет случаи на демолирани штабови, а имало и инцидент меѓу активисти на СДСМ и ВМРО ДПМНЕ во Скопје. Регионалните координатори на МОСТ од Битола, Куманово, Гостивар, Кичево, Струга, Гевгелија, Кочани и Струмица известиле за наводни притисоци врз вработените во јавната администрација:
„За разлика од првиот круг, беше зголемен интензитетот на водење на негативна кампања, на дел од митинзите беше забележано употреба на службени возила, а повторно беше видливо присуство на малолетници на митинзите на сите политички партии. Во текот на кампањата беше забележан обид за мобилизација на гласачите по етничка основа преку барањето на лидерот на ВМРО ДПМНЕ за освојување апсолутно мнозинство и барањето на лидерот на ДУИ за 25 пратеници. Ваквите повици не придонесуваат кон градење на одржлива доверба и мултиетничко општество“, предупреди Алексов.
Во однос на работата на ДИК, МОСТ очекува во законскиот рок од еден месец да добијат одговор на нивното барање за увид во избирачкиот список што го поднесле на втори април. Тоа што ДИК донесла ново упатство за обележување на левиот палец со мастило, и покрај фактот што е во спротивно со Изборниот законик, според МОСТ било со намера да се отстранат сомнежите за неправилности. Граѓанската асоцијација повторно забележа дека дека членовите на ДИК застапувале интереси на политичките партии околу случаите кои се пред управниот суд.
Според МОСТ, одзивот на претседателските избори бил 54,35%. Кандидатот за претседател на коалицијата „За подобра Македонија“, Ѓорѓе Иванов, освоил 57,2% од гласовите, а кандидатот на здружената опозиција Стево Пендаровски 42,8%. Според прелиминарните податоци за предвремените парламентарни избори, ВМРО ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ освоиле 60 пратенички мандати, Коалицијата СДСМ 35, ДУИ 16, ДПА 7, НДП 1 мандат.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.